Од момче кое што работи во играчница до успешен претприемач во Силиконска долина

Од момче кое што работи во играчница до успешен претприемач во Силиконска долина

Ако сакате да дознаете кој е Зоран Настески тогаш мора да го запознаете. Некои ќе речат дека е уметник, креатор, иноватор, но и претприемач во исто време. Меѓутоа тоа е човек што не може да се опише и прераскаже. Тоа е човек што мора да го видите и запознате, за да видите и почуствувате со каква позитивна енергија, ентузијазам и мотивација зборува за она што го работи, за она што го сонува и за она што си го има поставено како животна цел. . . . .


Човек кој од момче кое работи во локална играчница успеа да биде првиот претприемач во Македонија, поканет лично од претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама, на Глобалниот Претприемачки Самит во Силиконската Долина во Сан Франциско. Да биде во друштво со Марк Цукерберг и со дел од најуспешните старт-ап претприемачи од целиот свет… Да има чест да биде селектиран од Џон Дајмонд како негов ментор за време на самитот...

Со оглед на неговиот талент и афинитет кон филмската уметност, автор е на голем број дигитални и аудио- визуелни проекти, како и развоен партнер на интегрирани софтверски решенија. На пошироката јавноста веројатно најпознат и е како основач и претседател на хуманитарната организација ,,Млади за љубов” во чии рамки се организирани околу 50-тина хуманитарни проекти, меѓу кои е секако и акцијата ,, Гратис гушкање” – акција за која верувам не постои некој кој не слушнал. Во моментот неговиот главен фокус е Inception Enterprises - компанија која се фокусира на професионален развој на таленти и дигитална продукција. Главната цел на оваа компанија е целосно искористување на природниот човечки потенцијал како еден неисцрпен ресурс, во насока на задоволување на потребите на талентите, но истовремено и на потребите на компаниите. И покрај сé, она што прво би можел да го заклучи секој оној кој има можност да разговара со Зоран е дека тој е скромен, приземјен и позитивен човек со неисцрпна енергија, пред се.

Факултети.мк: Која е главната цел и идеја позади концептотот на хуманитарната организација ,, Млади за Љубов”?

Зоран: Би рекол, трансформација на свеста, најмногу. Глобално активирање на младите во социјалната и хуманитарната општествена сфера. Видете, јас како дете израснав во скромна фамилија, почнав да работам од 12 години. На секој му е многу добро познато она чувство кога ќе ги земе во рака првите заработени пари. Тоа е момент на сатисфакција- ЈАС го заработив ова со ангажирање на мојот труд и моето време! Тоа е прилично егоцентрично чувство, меѓутоа многу реално и многу човечко. Со оглед дека мојата работа и искуство ми наложиле да бидам запознат со човечката психологија, верувам дека човек не се раѓа по природа алтруист. Она што реално го менува начинот на кој нашиот ментален склоп функционира се реални искуства, не прочитани теории во книга или некаква генетска предодреденост.

Се сеќавам на една ситуација. Имав околу 27 години и веќе неколку години активно работев на акцијата ,, Гратис Гушкање”. Јас и другар ми Ивица патуваме со автобус кон Посебното основно училиште ,,Св. Климент Охридски” да однесеме донации. Се возиме така, и јас почнав да се сомневам во себе, во својата цел и идеја па и во животните одлуки кои ги носам. Во тоа време веќе неколку години јас и мојот тим секој ден одевме на плоштад да собираме донации. Сме биле и уморни и измрзнати и гладни, а јас не сум добил ни денар од тоа. Почнав да размислувам за тоа дека морам да си ја обезбедам и својата лична егзистенција. Дали вреди се ова што го правам?

Не знам дали некогаш сте биле во ПОУ ,,Св. Климент Охридски”. Се наоѓа во Ново Село. Прв пат кога стапнавме внатре ни пријде една од болничарките и не гледа како влечеме картонски кутии со донации со нас, и ни вели: ,, Што правите овде деца? Па овде никој не доаѓа, ние сме и од Господ заборавени.” Гледам наоколу, и навистина, а сé тоа деца- со аутизам, Даунов синдром...меѓутоа тоа не се деца со ПОСЕБНИ потреби туку ОБИЧНИ деца како и сите други. Деца кои по игра на случајноста морале да се родат со пермутиран генетски код. Сите прашања кои си ги поставив порано претходниот ден исчезнаа. Нормално е да ликуваш кога ќе си речеш пред себеси: ,, Јас го заработив ова!”, меѓутоа неспоредливо поголема вредност има ,, Јас не дозволив овој човек да биде заборавен “. Според тоа главната цел на организацијата,, Млади за Љубов” е да делува како вирус кој ќе го поттикне оној хуманитарен, алтруистички момент кај луѓето, како би можеле да делуваме во пошироки размери, бидејќи секако дека повеќе луѓе би направиле поголеми промени.


Факултети.мк: Вие сте основач на компанијата Inception Enterprises. Како е да се биде основач и менаџер на оваа компанија? Како е да се биде вработен во неа?

Зоран: Огромно задоволство но и гордост со оглед на тоа да, постојано имам прилика да работам со луѓе кои се вредни, талентирани и посветени. Сé се тоа луѓе кои доаѓаат првично од причина да го сакаат она што го работат. Моја главна цел е да овозможам работата да се одвива во една пријатна, пријателска и креативна атмосфера во која не постои хиерархија, титули и функции туку тоа е еден слободен креативен простор за поттикнување, развивање и менаџирање со човечки потенцијали. Би се изненадиле колку само позитивно реагираат луѓето кога се охрабрени, позитивно мотивирани и стимулирани да креираат, во однос на професионалните резултати и работната продуктивност кои ги добиваме за возврат. Сите мои вработени и практиканти имаат можност освен да научат и да земат учество во проекти од областа на дигиталниот маркетинг, е-бизнис, веб- платформи, аудио- визуелна продукција, арт и дизајн, да развијат и претпремнички дух.

 Во однос на тоа како е да се биде вработен во оваа компанија, секако не би можел лично јас да одговорам, меѓутоа фактот да доаѓаат половина час пред почетокот на работното време секако кажува многу.

Факултети.мк: Во рамките на вашата компанија, создадена е и платформата WebLaborate- дигитален онлајн сервис чија намена е пред сé надоградување на талентите со овозможување на нивно вклучување во голем број на проекти, меѓутоа и нивно поврзување со конкретни работни места, за кои истите се најдобро квалификувани. Кажете ми од што произлезе идејата за создавање на еден ваков дигитален сервис?


Зоран: Како и повеќето идеи, и оваа идеја произлезе од реално искуство. Имам пријател, се вика Маријан. Тој е креатор, може да се рече и инвентор по природа, меѓутоа заврши економија па сега има работа од девет наутро до пет часот попладне, во која по цел ден внесува броеви во табели во Excel. Претпоставувате веројатно дека мојот пријател се чувствува мизерен. Проблемот е што има луѓе кои се наоѓаат и во помизерна ситуација од мојот пријател Маријан. Според статистиките околу 201 милион луѓе во Светот се невработени. Само во Македонија од околу милион работоспособно население за 2016 година регистрирани се околу 231.386 невработени. Тоа значи дека во 23 проценти од случаите мојот пријател би бил невработен. Тоа е и основната причина поради која е создаден овој дигитален сервис. Не само да ја реши невработеноста туку да ја реши на економски најуспешен начин- со самиот процес на селекција и мобилност на талентите кон најсоодветните работни ангажмани за нив, на луѓето им се дава можност да работат нешто за што се талентирани! Им се дава можност да работат нешто што сакаат да го работат! Во исто време компаниите со кои овој сервис врши поврзување, ќе имаат можност да го ангажираат целосниот потенцијал кој еден вработен може да го даде. Зошто? Затоа што талентираните луѓе кои си ја сакаат својата работа се најефективни и најпродуктивни работници. Тоа е совршена бизнис равенка- задоволни вработени, но и задоволни работодавци!


Факултети.мк: Вие сте единствениот поканет претприемач од Македонија на Глобалниот Претприемнички самит кој ќе се одржи во Сан Франциско. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за настанот?

Зоран: Еден од луѓето со кои соработувам и кои лично најмногу ги ценам како професионалци во својата област, Дарко Маџоски, ја има дадено веројатно најдобрата дефиниција за ГЕС. Тој вели- Тоа што е Монт Еверест за секој планинар, тоа е ГЕС за секој претприемач. Од 2010 година кога е прв пат одржан, ГЕС претставува собиралиште на најдобрите иноватори, креатори, претприемачи и инвеститори од целиот свет. Оваа година Самитот ќе се одржи во Силиконската Долина во Сан Франциско, георафска одредница во која се сместени најголемите high- tech корпорации и илјадници start-up компании. Она што му дава посебно значење на овој самит е фактот дека претставува настан од глобален карактер, што им дава можност на претприемачите кои доаѓаат од маргинализирани земји, како што е Македонија, да се поврзат меѓу себе, не врз основа на некаква политичка, религиозна или друга сегрегирачка идеологија туку единствено врз основа на вредноста која ја има идејата.

Факултети.мк: За крај, би ве прашале кој совет би им го дале на идните претприемачи?

Зоран: Клучен проблем кој го имаат сите млади луѓе со идеи, најчесто не е иницијалниот капитал кој е потребен за реализација на идејата. Еве ако се земам себеси за пример, јас не почнав од нула туку од минус пет во тој поглед. Она што ги кочи луѓето во реализацијата на самата идеја е всушност стравот. Што ако немам никаква финансиска добивка? Што ако имам дури и загуба? Што ако не сум доволно добар за ова? Епа погодете што- Доколку живеете цел свој живот во својата мала комфорт зона никогаш нема да знаете! Стив Џобс имал неуспеси и загуби. Марта Стујард имала неуспеси и загуби. Многу веројатно е и еден почетник да има неуспеси и загуби. Ама може да имаш и успех и профит. Како ќе го дознаеш тоа? Само ако си спремен да ризикуваш.

Еден претприемач мора да го прифати иницијалниот ризик кој го носи процесот на започнување на свој бизнис. Во поглед на сомнежите кои сите ги имаме во однос на тоа дали сме доволно добри за нешто, постои една изрека. Таа гласи: ,,Ако си најпаметниот човек во просторијата, напушти ја просторијата”. Тоа е изрека која покажува движење, желба да се учи и да се напредува. А што е заедничко за сите успешни претприемачи- тоа што ја напуштаат просторијата во која се наоѓаат ако се најпаметната личност во неа. Тоа се вика прогрес.

 Поентата е, нормално е човек да се чувствува дека не е доволно добар во нешто, посебно ако му недостига искуство. Секогаш ќе има некој кој ќе биде подобар од било кого и во било што. Она што човек не треба да престане да го прави е- Да застане, да дигне раце и да рече: ,, Се откажувам.”, туку секогаш да учи од оние кои се подобри од него за кога ќе ги надмине, да ја напушти просторијата во која се наоѓаат.