Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Интервју со проф. д-р Христина Спасевска: Ги наградуваме најдобрите инженери, останува да ги задржиме

 

„Сите ние, веќе етаблирани професори, научници или експерти, сме свесни дека за успешна кариера потребно е секој од нас, дел од своето образование и потврдување, да го стекне во странство. Но таму, секогаш сме биле поцврсти и посигурни со поддршката на институциите од кои доаѓаме и можноста пак таму да се вратиме,“ вели проф. д-р Христина Спасевска, професорка на Факултетот за електротехника и информатички технологии и претседател на Инженерската институција на Македонија во пресрет на доделувањето на признанието Инженерски прстен за најдобрите студенти од техничките факултети.


Факултети.мк: Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, по 13-ти пат, го доделија признанието Инженерски прстен на најдобрите студенти од техничките факултети во земјава. Традицијата продолжува....

Проф. д-р Спасевска: Во изминативе 13 години, повеќе од 100-тина инженери кои дипломирале како најдобри во својата генерација го стекнаа признанието Инженерски прстен. Станува збор за уникатно признание во регионот, но и многу пошироко, со кое се промовира елитност, што по правило, треба да биде потврдена и наградена. Од оваа година, со заостерни критериуми, преточени во правилник, добитници се 12 инженери од избрани факултети, на петте прворангирани државни универзитети. Тие добија златен инженерски прстен на манифестација, традиционално организирана под покровителство на Претседателот на Република Македонија.

Факултети.мк: Што претставува Инженерскиот прстен?


Проф. д-р Спасевска: Како симбол, златниот инженерски прстен претставува круна од дабови лисја на чиј што врв е вграден знакот на Инженерската институција на Македонија. Дабовите лисја во Макeдонската традиција од антиката до денес се симбол на чест и достоинство за имателот. Ѕвездата од знакот на Инженерската институција на Македонија го симболизира знаењето и синергијата од сите инженерски дисциплини. Ова признание има за цел да ги истакне најдобрите, да ги промовира инженерските науки кај младите, но и да даде поттик кај новите инженери уште повеќе стручно да се усовршуваат. На тој начин, Инженерската институција на Македонија, како професионална организација, придонесува кон формирање на инженерски подмладок што претставува движечка сила во техничко-технолошкиот развој на нашето општество.

Факултети.мк: Дали добитниците на Инженерски прстен соработуваат меѓу себе во развојот на науката, дали се дружат, разменуваат мислења и ставови?

Проф. д-р Спасевска: Токму заради фаворизирање на концептот на интеридисциплинарна соработка, инициравме формирање Клуб на добитници на признанието инженерски прстен. Очекуваме дека овие млади професионалци од различни инженерски дисциплини, кои веќе имаат изградено успешни кариери или оние кои треба да ја започнат, како што се нашите овогодинешни добитници, со нови идеи, ќе предложат активности и настани, секако поддржани од Институцијата, што ќе дадат сериозен придонес во подобрување на статусот на младите инженери во земјата.

Факултети.мк: Со доделување на признанието Инженерски прстен, вие ја препознавате вредноста на овие студенти. Но, што по нивното дипломирање? Наоѓаат ли работа во земјава или како многу умови, ја напуштаат?

Проф. д-р Спасевска: Следејќи ги добитниците на признанието низ овие 13 години, може да се каже дека тие се успешни професионалци, во земјата или странство. Повеќето од нив ги градат своите кариери на наште или на престижните универзитети во светот. Секако, особено е значајно, овие млади да останат во Македонија и тука да ја започнат својата кариера, за да не се случи да бидат како други млади умови кои не успеваат да се вработат и ја напуштаат земјата. Затоа, Инженерска институција и Комората на овластени архитекти и овластени инженери покренуваат две иницијативи, кои очекуваме ќе бидат прифатени од релевантните институции. Едната од нив се однесува на бесплатни магистерски и докторски студии за добитниците. Овие стипендии треба да ги обезбедат факултетите каде што студентите постигнале најдобри резултати. Вториот предлог е нивно вработување на нашите државни универзитети.

Сите ние, веќе етаблирани професори, научници или експерти, сме свесни дека за успешна кариера потребно е секој од нас, дел од своето образование и потврдување, да го стекне во странство. Но таму, секогаш сме биле поцврсти и посигурни со поддршката на институциите од кои доаѓаме и можноста пак таму да се вратиме. Се надевам дека со сестрана поддршка на овие две иницијативи, токму тоа ќе го овозможиме и на наште најдобри млади инженери.


 
Објавено на 27.06.2016 во категорија Интервјуа
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Интервјуа