Проф. д-р Никола Јанкуловски е избран за нов ректор на УКИМ

Проф. д-р Никола Јанкуловски е избран за нов ректор на УКИМ



На денешната седница на Ректорската управа на УКИМ со 43 гласа проф. д-р. Никола Јанкуловски е избран за нов ректор на УКИМ. Проф. Ненад Новковски освои 6 гласа додека 6 ливчиња беа неважечки. Мандатот на Јанкуловски е четири години.

Д-р Никола Јанкуловски, е професор по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет и е актуелен декан на истиот. Тој е абдоминален хирург. Од септември 2007 до април 2009 година бил директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија. Добитник е на наградата Св. Климент Охридски“ од областа на здравството во 2013 година и наградата „11 Октомври“ во 2015 година.

Инаку, денеска пред почетокот на седницата на која се избираше нов ректор на УКИМ, пред Ректоратот се случуваше вистински хаос. Претставници од Студентскиот пленум утрово во 8 часот го блокираа влезот на Ректоратот со цел да ги спречат професорите- членови на Сенатот да влезат во зградата и да гласаат за нов ректор. Тие сметаат дека студентите кои денес гласаа за нов ректор се нелегитимни бидејќи се претставници на СПУКМ, кој пак е со истечен мандат веќе две години. Во неколку наврати дел од професорите- сенатори се обидоа да ги разубедат студентите да се откажат од блокадата и да дозволат седница. Истото го побара и сега поранешниот ректор Велимир Стојковски. Претседателот на СПУКМ, Кирил Спировски пак се обиде дел од сенаторите да ги внесе од спореден влез во зградата, по што настанаа турканици и расправии на студентите со дел од сенаторите. За среќа не се случи поголем инцидент. Спировски се уште тврди дека десетте студентски претставници во Универзитетскиот Сенат се легитимни и дека не е прекршен ниту еден член од Правилникот на СПУКМ.

Верификационата комисија правеше проверка на досиејата на десетте студенти, пред почетокот на седницата на Сенатот, за да утврди дали тие имаат право да гласаат за нов ректор. И Студентскиот пленум достави документи до комисијата кои требаше да покажат дека студентите нелегитимно седат на седница на Сенат. Верификационата комисија составена од сенаторите Родна Живковска, Иван Анастасовски и Валентина Гечевска сепак ги верифицираше мандатите на десетте студенти, па тие добија право да гласаат за нов ректор. Студентскот пленум реагираше на резултатите на комисијата, но професорот Велимир Стојковски им реплицираше дека УКИМ нема право да се меша во работата на СПУКМ и дека студентите во минатото се избориле за своја автономија на оваа организација.

- Како СПУКМ ги избрал студентите во Сенатот тие си одговараат пред содветните институиции. Јас не можам да давам и да одземам на некој легитимитет - рече Стојковски, кој истакна дека ако имало некој проблем со мандатите на студентите требало да се реагира многу порано, а не на денот на изборот на новиот ректор. Тој истакна дека не може изборите на Ректор да се врзуваат со студентските бидејќи треба да се почитува Законот за високо образование. Стојковски ги повика студентите сами да си ги решат проблемите.

Од Студентски пленум останаа на ставот дека десетте студенти во Сенатот се нелегитмни бидејќи немало студентски избори и тие немаат мандат да гласаат, а со тоа е нелигитимен и изборот на новиот ректор. Четворицата студенти кои присуствуваа на седницата револтирано излегоа, откако Стојковски веќе не им даде право на збор и ја продолжи седницата за избор на ректор.

Факултети.мк направи интервјуа со сите шест кандидати за нов ректор на УКИМ, кои ги приложија и своите програми за работа. Еве го интервјуто со новоизбраниот ректор