Се` што сакавте да знаете за заминувањето на Велика Британија од ЕУ

Се` што сакавте да знаете за заминувањето на Велика Британија од ЕУ

Подготвил: Драгана Петрушевска

„Гардијан“ им дозволи на своите читатели од САД да постават прашања кои ги имаат за одлуката на Британија да се издвои од Европската унија.


Како Брегзит ќе влијае на САД и останатите земји?

Постојат повеќе начини на кои одлуката може да влијае на САД, а повеќето се лоши. Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека одлуката може да влијае на сите економии во светот до 2019 година а веќе се забележува пад во акциите, со што фунтата се најде на најниско од 1985 година. Странските корпорации можеби ќе сакаат да го напуштат Лондон, принципите за слободен пазар меѓу Англија и САД може да ослабат.

Дали навистина Велика Британија ќе си замине од ЕУ?

Дејвид Камерон во својот говор во кој ја поднесува оставката ја оставил задачата за излегување од ЕУ на својот наследник, изјавувајќи дека следниот премиер може да го искористи правото да го игнорира референдумот. Референдумот нема легална моќ, но неговото игнорирање ќе биде противдемократски потег. Освен тоа, Европската унија изјави дека од Велика Британија бара што побрзо излегување од унијата.

Колку долго може да трае процесот?

Процесот за напуштање на унијата би требало да трае две години доколку Велика Британија го започне веднаш. Доколку преговорите не се завршени во овој период, Велика Британија ќе излезе без договор доколку унијата не дозволи да се продолжат преговорите. Лондон може да остане со многу поволности од Европската унија, како пристап до заедничкиот пазар, но не и слободно движење, но ова може да биде потешко за постигнување.

Дали Велика Британија би можела повторно да влезе во ЕУ некогаш?

Теоретски да, но процесот би траел со години и Велика Британија би ги изгубила сите поволности на кои се согласила претходно. На пример, би морала да го прифати еврото и да влезе во Шенген зоната.

Кој ќе го замени Дејвид Камерон?

Камерон прифатил да остане на функција до есен за да „го смири бродот“. Следниот премиер ќе биде одбран од владеачката партија, Конзервативците, од нивните членови во парламентот.


Зошто Камерон се согласил на референдум ако не сакал да си заминат од ЕУ?

Ова го сторил бидејќи неговата партија била поделена во врска со ова прашање со децении и Партијата за независно Обединетото Кралство барала референдум.

Кој е Најџел Фараџ?

Тој е политичар чија партија - Партијата за независно Обединето Кралство имала кампања против Европската Унија. Во неговата кампања, тој давал погрешни проценки и факти на јавноста и со тоа ги принудувал да гласаат за излез од унијата.


Дали ова ќе ја раздели Европската унија?

Ова е прашањето кое си го поставува секој лидер во моментов. Но, не се знае како ќе продолжи ситуацијата понатаму и дали останатите држави во унијата ќе ги следат чекорите на Велика Британија.

Дали Шкотска и Северна Ирска ќе бараат независност?

Можно е Шкотска да бара независност. Во 2014 година беше одржан референдум во кој 55% гласале за останување. Но, во четвртокот, 62% од граѓаните на Шкотска гласале за останување во Европската Унија. Северна Ирска е покомплициран случај. Сепак, Обединетото Кралство би постоело и без Северна Ирска и Шкотска - Англија, Велс и повеќе помали острови.

Дали Брегзит е резултат на криза со економијата и идентитетот поради мигрантската криза?

Не изгледа дека мигрантската криза играла улога во одлуката. Сепак, Камерон повеќепати ветил намалување на бројот на мигрантите на десетици илјадници, но бројот останал на 330.000 во 2015, од кои 184.000 се од земјите во ЕУ.

Како ова ќе им помогне на луѓето со работата?

Се посочува дека со затворањето на вратата на ЕУ, во Велика Британија ќе има повеќе работни места за лицата родени таму. Но, има такви кои веруваат дека имигрантите помагаат во растот на економијата бидејќи се создаваат повеќе работни места.

Што мисли кралицата за ова?

Кралицата стои настрана од политиката и не гласа. Некои медиуми пишувале дека таа ги поддржувала гласачите кои сакаат да си заминат од Европската унија, но ништо од тоа не било потврдено. Камерон изјавил во петокот дека ја информирал кралицта за неговата одлука за оставка, но таа не излегла со официјална изјава за резултатите од референдумот.