Едвај се формираат паралелки - се бараат деца што ќе учат во земјоделските, текстилните и дел од техничките струки

Едвај се формираат паралелки - се бараат деца што ќе учат во земјоделските, текстилните и дел од техничките струки

Подготвил: Ф.М.


 
Алармантна е состојбата со уписите во дел од средните стручни училишта во земјава, пред сè во оние што нудат технички и земјоделско ветеринарни струки. За некои насоки, класови нема ниту да се формираат, бидејќи со пет- шест ученици не се прави клас.

Во Земјоделско ветеринарното училиште „Браќа Миладиновци“ од Скопје се нема пријавено ниту еден ученик за насоката лозаро- винарски техничар. Инаку, според Конкусот за упис во ова училиште има место за 374 ученици во земјоделско ветеринарните струки и 136 ученици за гимназиското образование. До денеска тука се пријавиле само 67 ученици и тоа најмногу за гимназија и за ветерина.

- Уписите поминуваат не многу добро. За разлика од лани имаме едно -две деца плус, но бројката од 67 пријавени досега е далеку од планираното. Не знам зошто е ова вака потребна е сериозна анализа зошто децата избегнуваат одредени струки. Ние би правеле клас и со десеттина деца ако се пријават, но засега на пример нема пријавено никој за лозаро- вибарски техничар, а и за некои од другите насоки има мал број на пријавени ученици - вели директорката Емилија Ангелова.

Слична е состојбата со повеќето средни училишта во земјава кои нудат образование од земјоделско -ветеринарните струки. Со мал број на ученици се соочуваат и текстилните средни училишта, но и техничките и електро-техничките образовни насоки.

Во Средното општинско техничко училиште „Гостивар“, во прва година планирано е да се запишат 714 ученици во 21 паралелка. На првиот и вториот ден од уписниот рок се пријавиле 30-тина ученици. Заменик директорката ни изјави дека за разлика од лани, интересот за упис е сепак зголемен. Во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје, велат дека ни од далеку нема доволен број на ученици за да се пополни бројката според конкурсот за упис - 408 ученици во прва година. Заменик директорката Емилија Џундева вели дека годинава интересот за упис е нешто помал за раслика од претходните години.

- Доста мал интерес имаме за насоката електротехничар за електроника и телекомуникации, а загрижува тоа што воопшто нема интерес за тригодишните програми. Не би можела да коментирам зошто нема интерес за учење на електро-техничките науки, тоа треба да се изјаснат официјално институциите - вели Џундева.

Во средното машинско училиште „8 Септември’’ од Скопје исто така има помал интерес за упис за разлика од минатите години. Директорката Елизабета Младеновска не информираше дека формирана е по една паралелка од машинската струка на македонски и на албански наставен јазик. Тука проблемот со формирање на паралелки за тригодишните програми го решиле вака:

- Правиме паралелка, а подоцна учениците се делат по насоките за кои ги избрале. На пример во една паралелка од 24 ученици има три образовни профили со по седум -осум ученици. Вака им излегуваме во пресрет на учениците да го учат она што го избрале, а и пазарот на трудот да не остане без некои профили. Досега на пример никогаш не сме успеале да направиме паралелка за насоката машински енергетски техничар. Иако за машиската струка има многу работа, сметам дека учениците ги демотивираат малите плати за оваа професија - вели Младеновска.

Од друга страна пак, се преполнија гимназиите, посебно оние што важат за „појаки“, но и медицинските училишта. Министерството за образование и наука соопшти дека најголем е интересот за упис во средното медицинско училиште во Скопје,„Д-р Панче Караѓозов“, каде за 578 слободни места се пријавиле 519 ученици. Интерес имало и за скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“и за средното „Васил Антевски -Дрен“. Резултатите од запишувањетово првиот уписен рок и слободните места ќе се објават на 30 јуни.