Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Интервју со Кимет Јусуфи, професорот од Гостивар кој работи со најновите откритија на Хокинг

 

Кимет Јусуфи е докторанд на УКИМ кој работи во областа на астрономијата и теориска физика. Тој е еден од малкумината во земјава кои се фокусираат на ова поле, иако областа а популарна во развиените земји и се прават огромни напредоци во последните неколку години. Кимет работи и како професор освен што работи на своите истражувања. Повеќе за неговата работа ни открива во интервјуто во продолжение.


Факултети.мк: Кажи ни нешто повеќе за твојата работа. На што работиш во моментов?

Кимет: Се занимавам со теориска физика, поконкретно ме интересира Општа Теорија на Релативност и Квантна Механика. Во моментов, работам на квантниот процес познат како - Хокингово зрачење од црни дупки како и дефлексија на светлина од црни дупки. Хокинговото зрачење е квантен процес и овозможува директна релација помеѓу ентропијата и температурата на црната дупка. Во принцип, Хокинговата температура за различни конфигурации на црни дупки може да се пресмета, така на пример, како дел од тоа што имам работено е пресметка на Хокинговата температура за различни видови на честички во присуство на космичка струна и глобален монопол.

Факултети.мк: Како се одлучи да го студираш ова?


Кимет: За жал, кога се зборува за истражување од ваков карактер во нашата држава речиси да нема и оттука е доста тешко да се истражува на оваа поле. Од друга страна, оваа ми беше и како предизвик и уште пред да се запишам на докторски студии почнав да работам и да пишувам трудови сам. За моја среќа, успеав да објавам неколку трудови и да стапам во контакт со други физичари.

Факултети.мк: Во последно време се направија многу откритија во областа на астрономијата. На какво истражување би сакал да работиш ти?

Кимет: Да, само да истакнам дека за кратко време беа откриени Хигсовиот бозон како и гравитационите бранови. Според мене, како следни предизвици за физичарите ќе бидат: детекција на темната материја, детекција на нови честички во LHC, како и детекција на Хокинговото зрачење од акустични црни дупки, но останува да видиме. Од теорски аспект пак, денес има многу интересни и атрактивни идеи, така на пример, врската помеѓу простор-времето и квантните информации. Во иднина би сакал да истражувам и да бидам дел од еден таков проект.

Факултети.мк: Со какви предизвици се соочуваш во истражувањата?

Кимет: Во нашата држава е доста тешко да се истражува во полето на фундаментална физика поради повеќе причини. Прво, малиот број на физичари кои работат активно на ова поле е од клучен фактор. Денес е многу тешко да се постигне врвен успех само со индивидуална работа, затоа во западните земји обично се истражува од група научници. Како второ, Македонија е сиромашна држава а тоа се рефлектира директно и во полето на истражување. За моја среќа, во теориска физика не се прават скапи експерименти и не се потребни многу пари за истражување. Јас на пример работам како професор по физика во гимназијата во Гостивар, а меѓувреме работам и како асистент во Државниот Универзитет во Тетово, со таков голем фонд на часови ми останува малку време за истражување. 



Факултети.мк: Што би им порачал на студентите и учениците кои сакаат да студираат физика или астрономија?

Кимет: На студентите и на учениците им порачувам да студираат физика само ако навистина ја сакаат физиката. Во спротивно, ако не се сака тоа што го работиш, мислам дека нема да резултира со успех. Професорите и наставниците од друга страна, треба повеќе да ги мотивираат своите студенти, односно ученици.

Трудовите на Кимет погледнете ги ОВДЕ.

 
Објавено на 30.06.2016 во категорија Интервјуа
Подготвил: Драгана Петрушевска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Интервјуа