Пленумци обвинуваат за нерегуларности на студентските избори, СПУКМ за провокации

Пленумци обвинуваат за нерегуларности на студентските избори, СПУКМ за провокации

Студенткиот пленум обвинува дека се случуваат нерегуларности на денешните избори за нов студентски лидер на УКИМ кои започнаа утрово во 9 часот на сите 23 факултети, и покрај противењето на оваа студентска организација која ги смета за нелегитимни.


Пленумци објавија дека е прекршен принципот на тајно гласање на Правниот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет каде недостасуваат паравани зад гласачките кутии. Инаку, факултетите каде денес се гласа за нов прв човек на СПУКМ се полупразни и нема атмосфера дека воопшто се случуваат избори.

На Фејсбук страницата на Студенскиот пленум, пишува и дека студенти од повеќе градови од земјава ќе се носат организирано на скопските факултети со автобуси само за да гласаат.

„Ако е ова точно малтретирањето на студентите за лични интереси претставува зенит на дрскоста и самоволието, затоа ве замолуваме доколку да забележите нешто што изгледа сомнително додека сте на факултет или во близина, сликајте го и пратете ни ја сликата како порака на Facebook странава. Анонимноста е загарантирана и однапред ви благодариме на сите“ , напишаа Пленумците.

Тие најавија блокада на денешните избори, но засега е мирно на сите факултети, нема никакви инциденти или блокада на изборниот процес.

Од Студенсткиот парламент (СПУКМ) информираат дека до 11:30 часот изборите поминувале во најдобар ред.

- Со мали тенденции од одредени групации, воглавно политички мотивирани од одредени политички структури.  Од досегашните информации кои ни пристигнуваат од изборните комисии, таканаречениот “Студентски пленум” има одредени тенденции и обиди за попречување на изборите, но до сега нема никаков посериозен случај за инцидент.  Апелираме до сите студенти да излезат и да го искажат своето демократско право за избор на студентски лидер, со тоа што ќе се однесуваат согласно сите демократски начела. Исто така апелираме да не се повикува на насилство и рушење на демократските процеси, бидејќи секое попречување право на сопствен избор е казниво со закон - велат од СПУКМ.

Студентите на УКИМ денеска за нов лидер избираат меѓу Давор Поповски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Стефан Василевски од Медицинскиот факултет.