Вакви студентски избори не му доликуваат на УКИМ, потребен е нов Закон за студентското организирање

Вакви студентски избори не му доликуваат на УКИМ, потребен е нов Закон за студентското организирање

Подготвил: М.Ф

Тензични студентски избори со обвинувања за нерегуларности и вмешување на политиката не се ништо ново. Ова за жал е сликата која многу долго време ги „краси“ секои избори за нов лидер на  СПУКМ, но се чини дека годинава доживеаа кулминација, па видовме и студенти кои како крадци бегаат со избирачките кутии во рака, флаери наместо гласачки ливчиња, гласање без паравани, а и полициски службеници кои ги растеруваат студентите од Студенсткиот пленум.  Жална слика за вчерашните студентски избори кои не доликуваат на академската заедница.



Гнев, неверување, повици за смирување на тензиите , но и поддршка за новоизбраниот лидер на СПУКМ, Давор Поповски од ФИНКИ може да се прочитаат на социјалните мрежи.

Универзитетскиот професор Владимир Петрушевски, на својот фејсбук профил го изрази своето загрижување за состојбата и повика смирување на состојбата.
“ Многу ме загрижуваат случувањата во кои се инволвирани студентите на УКИМ. Пред да се случи нешто уште полошо, се обидувам да дадам предлог што би можел да доведе до смирување на состојбата и, во догледно време, наоѓање на излез (прифатлив за сите) од сето ова:

1. Итно пломбирање на гласачките кутии на неодредено време.
2. Седнување на заедничка маса на студентите од Пленумот и од Парламентот, со цел да се побара и најде прифатливо решение за сите. Молам за изјаснување на сите (во прв ред студентите и наставниците од УКИМ). Доколку се сложувате, споделете“, напиша Петрушески.

Поранешниот студентски лидер на СПУКМ, Самоил Малчески за Факултети. мк. ни изјави дека е потребен нов закон за студенстко организирање.

- Во 2008 година кога и практично беше сменет Законот за високо образование и за прв пат се појави Студентскиот парламент како форма на организирање, работна група составена од студенти и преставници на Ректорат работеа на изработка на Статутот на УКИМ и на СПУКМ. Уште тогаш разговаравме за ваквите случувања и ни беше јасно дека треба нешто од корен да се менува. Проблемот лежи во раководствата на СПУКМ кои не го почитуваат Статутот и актите и работат спротивно на нив. На пример, јас си заминав во 2009 година, до сега се поминати 7 години и требаше да имаме веќе 4 Претседател на СПУКМ, а ние за жал имаме само двајца. Дополнителен проблем е и тоа што нема избори за матични Студентски парламенти и низа други прекршувања на актите. Очигледно е дека овие проблеми мпра да се решат со носење на Закон за срудентско организирање, нешто што нам како раководство не ни успеа во 2008 година - вели Малчески.
Инаку новозибраниот претседател на СПУКМ е избран со 3.851 гласови од вкупно 5264. И ова е прашање за кое во иднина треба да се дискутира бидејќи УКИМ неофиџијално брои околу 60.000 студенти, па јасно е дека кај студентите воопшто и нема заинтересираност за гласање и инволвирање во студентското движење.
Универзитетски професор кој сакаше да остане анонимен вели дека раководството на УКИМ, не смее да се повикува на автономноста на студентското движење и да стои на страна, кога се случуваат вакви нерегуларности бидејќи студентите кои се избрани и го водат СПУКМ, учествуваат во сите одлуки на Сенатот на Универзитетот и треба да ги претставуваат сите студенти.