На учениците не им треба информатика, туку филозофија

На учениците не им треба информатика, туку филозофија

Подготвил: Драгана Петрушевска

Последните недели многу се зборувало за тоа дека во 21 век информатиката не е прогласена за задолжителен предмет во основно училиште во многу земји.


Алексеј Кишјухас пишува за „Данас“ дека младите веројатно ја разбираат информатиката значително подобро отколку тоа што им го предаваат професорите со користењето социјални мрежи. Тој додава дека не би било лошо младината да дознае и научи нешто за вистинското програмирање, но некои други работи многу повеќе недостасуваат во основните и средните училишта во регионот, според него. Меѓу тие работи е и филозофијата.

„Да, филозофијата. Замислата дека ни треба повеќе задолжителни часови по филозофија и образование, пред се' во основното училиште, на прв поглед делува лудо“, вели Кишјухас.

Филозофијата во секојдневната употреба може да значи и поглед на светот, но академската филозофија е нешто друго. Тоа е дисциплина посветена на појаснување и анализа на концептите и аргументите кои се поврзани со основните прашања за светот и животот.

„Ништо не е поважно за идната благосостојба на нашите деца и општеството од тоа децата да научат да бидат филозофи. Наместо да учат што да мислат, треба да учат како да мислат. И сега, ова нескромно посочување кон филозофијата не значи дека тинејџерите и тинејџерките полни со хормони треба детално да ја разгледуваат теоријата за форми на Платон, категоричкиот императив на Кант или битието на Сартр (за тоа нека ги почекаат повисоките одделенија во гимназија). Можно е да се тренира филозофија и ум без овие великани“, вели тој.

Навистина, ова е особено важно сега кога образованието се доживува како предигра за пазарот на труд, односно за наоѓање работа и некаква пракса. Филозофијата би можела да биде практична и од основно училиште да ги подготвува децата за одлични кариера во бизнисот, економијата и претприемништвото, јазиците и уметностите, психологијата и правото, па и во информатиката и програмирањето. Филозофија студирале и Бил Клинтон, Вуди Ален, Харисон Форд, Брус Ли и Мартин Лутер Кинг.

„Бидејќи на децата во секое одделение од основното и средното училиште им е неопходно и задолжително да научат да размислуваат и заклучуваат. Да поставуваат прашања и да бидат љубопитни. Да размислуваат критички и креативно. А ова се згодни или незгодни работи кои пред се' ни ги нуди филозофијата“, вели Кишјухас.

Кишјухас предложува зборување со децата за тоа дали основата на се' е водата или воздухот и слични активности за малите деца. Со помош на пластелин може да се расправа дали светот е сочинет од една работа или е комбинација од повеќе различни елементи.

Од друга страна, на часовите по филозофија во понапредните одделенија од основното училиште може темелно да се расправа за доброто и злото, за вештачката интелигенција, за животните и животната средина, за историјата, за бог, за правдата, за насилството, за уметноста, за нашите разлики, за телото и сетилата, за слободата и еднаквоста, за идеите, за сомнежите и границите на човековото знаење, па и за компјутерите.

Факт е дека изучувањето на филозофијата ги храни младите со критичко размислување и разум, како и логика и интелектуална и морална храброст. Денешната младина расте во дехуманизиран свет полн со дилеми, парадокси и бесмислици. Клучно е да се знае како да се издржи сето тоа. Како да се разликува вистината од измамата? Што е вистина, знаење, добро, убаво или мудрост? Што значи да се биде човек?

„Со други зборови, филозофијата ни помага да станеме експерти како човечки суштества. Не само програмери, технолози, инженери, психолози или наставници по географија и англиски јазик, туку и професионалци во човечноста. Љубопитноста за светот, за прашањата со кои се соочуваме како луѓе, всушност е предуслов за успех на слобовниот граѓанин и секој одговорен и разумен човек“, пишува Кишјухас.

Преиспитувањето на идеите, знаењето, власта, моралот, традицијата, уетноста е важно за изградба на добро општество. Младите кои се рационални, кои водат дијалог и кои размислуваат критички и креативно претставуваат најдобра надеж за иднината на ова општество според Кишјухас.

„Но таквите работи веќе не може да се програмираат како алгоритам во Бејзик или Јава. Или барем тоа е невозможно да се стори добро без филозофијата“, заклучува тој.