Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Лидија Димковска: Ако книгата не вреди во естетска и уметничка смисла, нема ни потреба да стигне до читателите

 


Поетесата и писателка Лидија Димковска продолжува да ја трасира патеката на македонската литература на меѓународната книжевна сцена, да освојува награди поради кои нејзиното име стои до имиња на нобеловци. Пред десетина дена таа ја освои европската награда за поезија „Петру Крду“ која години наназад ја доделува издавачката куќа „Книжевна општина Вршац“ од Србија. Димковска веќе неколку години живее и твори во Словенија. Со неа разговараме за наградите, предностите да се живее и работи во Европската Унија, како младите писатели да се пробијат на меѓународната книжевна сцена...

Факултети.мк: Минатата недела ја добивте наградата „Петру Крду“ на издавачката куќа КОВ од Србија. Носители на ова признание се Хусто Хорхе Падрон, Томас Транстромер и многу други влијателни писатели. Вие сте најмладиот добитник на оваа награда. Што значи тоа за Вас?
– Мислам дека КОВ ми направи огромна чест, нешто што не сум го помислила ни на сон. Не само што ме стави во исто друштво со Падрон, Транстромер, Симиќ, Малдун, Ружевич итн. – автори кои ги сакав отсекогаш, а некои од нив порано или подоцна го добија и Златниот венец на поезијата, а Транстромер и Нобеловата награда за литература (20 години после Европската награда за Вршац), туку во низата наградени поети освен хрватската поетеса Весна Парун и романската Ана Бландијана, сум воопшто третата авторка што е наградена со ова признание. Чест и пол, бидејќи се уште во светот во кој живееме не се подразбира само по себе да си жена – поетеса. Многу и се радувам на книгата избрана поезија во препев на Душко Новаковиќ која ќе биде промовирана при доделувањето на наградата во номеври годинава, сметам дека подобра награда од книга на јазикот на земјата во која се доделува наградата и нема. Оваа награда е посебна и затоа што отсекогаш се базирала на начелото да се награди современата поезија која веќе на некој начин поминала низ ситото на критиката, читателите и културната јавност.

Факултети.мк: Во последните десетина години добивте повеќе значајни европски награди. Која од нив направи пресврт во Вашата кариера, па можете да кажете: „Оттогаш се е поинаку“?
– Секоја награда прави по еден мал пресврт во животот на авторот, но т.н. кариера или повеќе приближување до читателите е збир и на многу други нешта: пред се на делото на авторот, кое, ако не вреди во естетска и уметничка смисла нема ни потреба, па дури ни право, да стигне до читателите. Се останато е повеќе социолошка димензија на книжевноста: наградите, учествата на книжевни фестивали, преводите на други јазици итн., но за жал без таа димензија книгите ретко можат да си го најдат патот до читателите, особено во странство. Наградите се краткотрајна радост, за мене поголема радост се читателите, но наградите се всушност тие кои фрлаат светлина на делото и се на некој начин патокази за читателите. Наградите придонесуваат наградените книги да станат повидливи, барем за неколку нијанси, дури за кусо време и да се најдат во излозите на книжарниците. После секоја награда „се е поинаку“ во животот, барем неколку дена. Но, секако, секоја награда за авторот значи и нови можности, нови читатели, нови преводи, начелно наградените книги се преведуваат повеќе од ненаградените. Наградите се стимулативни, но не се обврзувачки, барем јас не ги доживувам така. Никогаш не би напишала нешто само за да оправдам некоја претходна награда, но се што ќе напишам ќе ја носи несвесно и одговорноста на веќе добиената награда.



Факултети.мк: Лидија Димковска е едно од три-четири имиња млади македонски писатели кои сами го пробија својот пат на европската и на светската книжевна сцена во изминатата деценија. Имаше ли борби со ветерници?
– Борбата со ветерниците е пред се поради тоа што нашите претходници, и не мислам само на македонските, туку на повеќе земји со јазици кои не се зборуваат на глобално ниво и на литератури кои без преводи тешко можат да стигнат до читателите низ светот, не пуштиле толку големи корени во светската мапа на книжевноста, па одново и одново како македонска, а неретко и како словенечка авторка треба помакотрпно да „го заслужам“ местото под сонцето од моите современици од глобалниот свет. Иако имаме одлични автори од постарите генерации, некои веќе и починати, во колективната свест на книжевноста и на читателската публика речиси нема имиња што би се подразбирале како архетип, како национален симбол, како интернационален автор. На пр. еден денешен руски, американски, англиски, фанцуски, шпански итн. автор нема зошто и што да докажува на некого во издавачкиот свет, зад него стои цела плејада автори кои само со своето присуство во колективната свест веќе му помагаат да ја отвори тешката врата на светската книжевност, а ние, авторите од земјите без такви интернационални имиња таа врата колку и да ја туркаме не можеме да ја отвориме без препотени раце. Понекогаш се прашувам зошто на сите мои читања, средби и настапи во светот ретко кој ќе ми спомне некое македонско писателско име или книга што била преведена од македонски, и жал ми е што македонската книжевноста многумина ја откриваат дури со мојата генерација, а би требало многу, многу порано. Ама можеме ли цел свет да го обвиниме за тоа? Не, вината е изгледа во нас самите, во нашата културна (не)стратегија на промовирање на македонската книжевност.

Факултети.мк: Како млада писателка се градевте во земја која не е дел од Европската Унија, денес живеете во земја во ЕУ. Можете ли да споредите какви се предностите (предодреденостите) за успех на младите писатели кои ги нуди Унијата?
– Најголемата разлика ја гледам во тоа што повеќе не стојам пред амбасадите на странските држави со цела документација в рака и не се тресам од страв, студ или припек пред вратите на институциите кои одлучуваа(т) дали, и покрај тоа што сум добила покана за учество на книжевен фестивал или читање, можам да добијам и виза за да одговорам позитивно на поканата. Имав и премногу такви стоења во редици пред амбасадите на земјите во кои денес ретко кога покажувам дури и документ. Се смени значи протокот на луѓе, а со тоа и на културни добра и идеи. Европската Унија има и позитивни и негативни страни, како и секое множество од држави и закони. Преку своите грантови ја поттикнува културната размена, но ако пишувате лошо тоа нема многу да ви помогне. Мобилноста во секоја смисла е придобивка на ЕУ што не смее да се пренебрегне.

Факултети.мк: Што би ги посоветувале младите пистаели од Македонија кои сакаат да се пробијат на европската книжевна сцена?

– Да пишуваат најдобро што можат, да се подржуваат меѓу себе, да не си завидуваат, да се отворени кон другите и кон светот, а секогаш кога имаат можност да ги истакнат и своите претходници и современици. Колку повеќе добри и познати автори пишуваат на ист јазик и се преведувани на останатите, толку поголема е и попозната и книжевноста како таква. И обратно: колку една книжевност е побогата и попозната толку се поголеми и можности на секој/а автор/ка одделно да дојде до своите читатели ширум светот.

Факултети.мк: По романите „Скриена камера“ и „Резервен живот“, годинава ја објавивте збирката поезија „Црно на бело“. Дали Ви недостига поезијата?
– Не може да ми недостига кога во мојот живот ја има во изобилство. За мене секоја песна е посебна целина, посебен свет, есенција на мислата и чувството, затоа и не верувам дека треба да се објавуваат поетски книги пречесто. И секој роман е посебна целина, а бара и повеќе време од песна, па за мене и прозата и поезијата се подеднакво важни, едноставно, не можам да си го замислам животот без пишување и проза и поезија.
 
Објавено на 18.07.2016 во категорија Интервјуа
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Интервјуа