Македонците најмногу купуваат половни корси и пежо 206 до 2.000 евра

Македонците најмногу купуваат половни корси и пежо 206 до 2.000 евра

Подготвил: Ф.Д,

Според огласите на најпопуларниот интернет-огласник „Пазар3“, најмногу се нудат возила произведени во 2006 година, додека во понудата се најзастапени возила од марката фолксваген, мерцедес и опел.



Опел корса, пежо 206 и фиат пунто се најбараните половни автомобили во Македонија. Кога станува збор за годината на производство, пак, најголема побарувачка има за автомобили од 2006 и 2007 година, покажува искуството на трговците со половни возила. Генерално, сите дилери на половни возила со кои контактираше факултети.мк потенцираат дека продажбата е прилично намалена во последните две години. Тие објаснуваат дека нискиот стандард на нашите граѓани ја диктира побарувачката, која најчесто се движи околу цената од 2.000 до 6.000 евра.

- Генерално, повеќето клиенти кои што доаѓаат бараат поевтини автомобили. Сакаат некој помалечок автомобил од околу 2.000 евра кој што не троши многу и е добар за возење низ град. Притоа, најчесто се одлучуваат за пежо, опел или фиат, односно за возило за кое е многу лесно да се најдат резервни делови по пристојна цена – објаснува Драган М., сопственик на автоплац.

Искуството на дилерите со половни возила го потврдуваат и огласените возила за продажба на интернет-огласниците. Според огласите на најпопуларниот интернет-огласник „Пазар3“, најмногу се нудат возила произведени во 2006 година, додека во понудата се најзастапени возила од марката фолксваген, мерцедес и опел. Цените се различни и варираат во зависност од опременоста на возилото, километражата, видот на гориво што го користи и сл. Во понудата можат да се најдат и возила произведени во 1998 или 1999 година кои се продаваат за суми од 2.000 до 3.500 евра. Продавачите на половни возила велат дека постои еден парадокс во побарувачката за користени автомобили. Односно, најмногу се бараат најевтините возила, но има и многу луѓе кои доаѓаат со желба да купат скапо, луксузно возило.

- Тие возила најчесто ги носиме по нарачка, а цената им се движи над 20.000 евра. Така на пример, неодамна продадовме луксузен џип донесен по нарачка за 30.000 евра, а неговата цена во автосалон е 100.000 евра – вели Драган. Во однос на горивото што го користи автомобилот, најбарани се малите „дизелаши“, а веднаш зад нив се малите бензинци на кои новите сопственици веднаш им вградуваат плински уред.

Според статистиката на царинската управа на Македонија, лани во земјава се увезени 23.196 стари автомобили, што е за околу 6.000 коли помалку од увезените во 2014 година. Се очекува оваа бројка до крајот на годинава да е уште помала, со оглед на тоа дека од 1 јули стапи во сила забраната за увоз на половни возила со Еуро 3 стандард, односно возила постари од 2005 година. Статистиката на импортерите на нови возила, пак, покажува дека од 2009 година кога беше дозволен увоз и на постари половни возила досега, во земјава влегле над 150.000 користени коли.

- Во 2009 година во Македонија беа увезени нешто помалку од 3.000 половни возила. Кога во 2011 година стапи на сила законот за увоз на половни возила, бројката достигна 34.000 увезени половни возила, за да веќе во 2016 година зборуваме за над 160.000 увезени половни возила кои се возат по нашите улици – велат увозниците на нови возила.

Податоците на европските производители на возила покажуваат дека минатата година најпродаван автомобил на стариот континет бил фолксваген голф. Зад него се рангирани фолксфаген поло, рено клио и форд фиеста.