ИБМ доаѓа на Балканот: Почетните плати се високи

ИБМ доаѓа на Балканот: Почетните плати се високи

Подготвил: Драгана Петрушевска

Веста за отворање на повикувачки центар за поддршка на ИБМ во Загреб отвори широка расправа за таа инвестиција, најмногу за тоа дали тоа ќе биде таканаречен „Бангладеш“ повикувачки центар во кој ќе работат среднообразовани вработени или пак ќе биде технолошки центар со високообразовни инженери од Хрватска.


Извршниот директор на ИБМ Хрватска, Дамир Зец не открил премногу детали за идниот повикувачки центар, освен тоа дека ќе бидат вработени 500-на луѓе и дека ќе започне да работи во 2017 година. Судејќи според странските примери, „Јутарњи“ прави неколку претпоставки.

Разгранета работа

Пред се', веројатноста дека ИБМ ќе отвори повикувачки центар во Загреб била ниска. Имено, компанијата пред две и пол години го продаде својот бизнис со такви повикувачки центри на компанијата „Синекс“. ИБМ продолжи да отвора само повикувачки центри насочени кон своите поголеми клиенти, корисници од приватниот и јавниот сектор, што е соодветно на нивната транзиција од голем произведувач на хардвер во компанија насочена кон развој на софтверски, сигурносни, мобилни и други решенија. ИБМ, компанија со 377.000 вработени, има многу разгранет начин на работа, па така и неколку типови повикувачки центри.

На претставувањето на проектот во хрватската влада било наведено дека во Загреб ќе биде отворен центар за иновација, а ако тоа навистина се случи, тоа ќе биде еден од 30-те такви постоечки во светот. Загребскиот центар веројатно би бил под ингеренција на европските центри, какви има во Франција, Германија, Холандија, Шведска итн.

Експертиза

Како што наведуваат самите за себе, овие иновациски центри се креирани за да нудат водечки иновативни технолошки услуги и длабока технолошка и индустриска експертиза за локалните клиенти во јавниот и приватниот сектор. За вработените на тие центри, ИБМ ветува атмосфера на претприемачки стартап, но со поддршка на најголемите светски компании и динамична околина.

Доколку се погледнат огласите за работа од некои од центрите се гледа дека најмногу се бараат факултетски образовани програмери, најмногу специјализирани во Јава и Мајкрософт, Оракл, мобилната сфера итн. Бројни се огласите и за дизајн менаџери, проектни администратори и слично. Меѓутоа, судејќи според огласите на кои е наведена платата, се работи за примања кои се движат околу просекот за тие држави.

Работа на 23 месеци

Дополнително, кандидатите мора да имаат лично искуство со напредни аналитички алатки, како и длабоко знаење на напредни аналитички методи, како што се статистика. Работата се нуди на 23 месеци, а почетната плата би изнесувала од 20.600 до 26.000 фунти годишно, во зависност од квалификациите и искуството. Тоа е одлична плата за балкански стандард, но не и за Велика Британија.

Без данок на добивка 10 години ако го зачуваат работните места 5 години

ИБМ не договориле никакви бенефиции за идната инвестиција, туку само оние предвидени со закон. Точниот износ е тежок за пресметување без повеќе точни податоци, но може да се претпостави дека ИБМ ќе вложи повеќе од три милиони евра, а повикувачкиот центар нема да мора да плаќа данок на добивка првите 10 години доколку успее да ги сочува работните места пет години. Освен тоа, ИБМ ќе има и други бенефиции од државата.

Така, за вработување млади луѓе од 25 до 29 години ќе добива 20% или максимално 6.000 евра и 8% или максимално 2.400 евра за сите вработени бидејќи фирмата се отвора во место каде се работи на намалување на невработеноста.

Големите фирми како ИБМ би можеле да добиваат и за усовршување на работниците - до 25% за посебно усовршување и до 60% за општо. Постојат и други мерки за инвестициски проекти, со што поддршката за отворање нови работни места се зголемува за 50% ако се вработени над 300 луѓе, а за полни 100% ако се отворат 500 или повеќе работни места.