Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Интервју со проф. Виолета Арнаудова: Како да ја стимулирате надареноста кај децата без притоа да им се одземе дел од детството

 
Во секојдневниот говор многу често може да се слушне: „Она дете е многу надарено за цртање, или пак, Она дете е многу талентирано, го бидува за се„. Иако овие поми се многу блиски и сродни, сепак меѓу нив има терминолошка дистинкција. Ова, но и низа други други прашања поврзани со надареноста се обработени во книгата „Надарено дете“, чии автори се проф.д-р Виолета Арнаудова и проф.д-р Елена Ачковска Лешковска од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет на УКИМ. Книгата е наменета за широк круг читатели: психолози, педагози, за студентите кои се подготвуваат за овие занимања, но исто така и за наставниците и родителите кои можат да придонесат најдиректно во стимулирањето на надареноста кај децата без притоа да одземат дел од детството.



Професорката Виолета Арнаудава за Факултети мк. меѓу другото, ни објасни како се препознава надарено и талентирано дете, како треба да го третират родителите и наставниците.

* Факултети.мк: Постои разлика помеѓу талентирани и надарени деца. Може ли да ни објасните кои се особините на едните и другите?

- Прегледот на литературата која го обработува феноменот на надареноста покажува дека отсуствуваат прецизни и еднозначни определби на овие поими. Надареноста најчесто се сфаќа како склоп на особини кои на поединецот му овозможуваат да постигнува исклучително високи резултати во едно или во повеќе подрачја на човековата дејност. Во тој склоп на особини се вклучени: општи и специфични способности, креативност и бројни карактеристики на личноста и мотивацијата. Надарените деца и млади на продуктивен или на репродуктивен начин постигнуваат натпросечни резултати во едно или во повеќе области од човековата дејност. Талентот е поврзан за способности во една специфична област (математика, танц, музика) и всушност претставува диспозиција која може да се развива преку упорна работа. Надареноста во поедини периоди, односно во предучилишниот, подоцна во основното училиште и во периодот на адолесценцијата различно се манифестира, но во глобала има и исти и слични надворешни манифестации по кои тие деца, односно млади луѓе, лесно се препознаваат. На пример, во своето однесување тие рано покажува знаци на високи интелектуални способности (лесно учат и помнат, имаат смисла за хумор, ги согледуват причините и последиците) или на специфични способности (музички, ликовни, психомоторни). Од забележаните знаци на надареност па до нејзиното манифестирање, обично поминува период (од 10-15 години) кој е исполнет со интензивна воспитно-образовна работа.

Талентираното дете ја изразува интелектуалната надареност во една специфична област, за разлика од потенцијалната надареност која се сфаќа пошироко. Денес поимите, како, на пример математичка надареност и математички талент, се сметаат за синоними.

* Факултети.мк: Кои се првите знаци за надарено и талентирано дете, кога се јавуваат, како родителите може да ги препознаат?

- Надарените уште во раното детство се поактивни и позаинтересирани за својата средина, многу рано почнуваат да зборуваат, имаат добро помнење, сакаат да ги истражуваат работите околу нив и да манипулираат со нив, побрзо логички резонираат, брзо разбираат и го применуваат тоа што го слушнале, имаат многу развиена фантазија. Подоцна, во училиштето, лесно учат, брзо сфаќаат нови односи, не чекаат готови поими и информации од други. За новите вештини потребни им се помалку објаснувања во споредба со другите ученици. Постигнуваат подобри резултати во јазиците, природните и општествените науки и математиката, а некои се истакнуваат и во некои области од уметноста.

Надарените уживаат во решавањето проблеми и имаат потреба да ги проверуваат решенијата и да бараат нови одговори. Тие обично поставуваат необични прашања, наведуваат неочекувани идеи, имаат желба за истражување на нови области, имаат жива фантазија, широки интереси и различни видови хоби. Социјално се добро прилагодени и често стануваат водачи на формалин и неформални групи.  Може да се заклучи дека заеднички карактеристики на надарените се: натпросечна општа интелигенција, интелектуална љубопитност, критичко согледување, логичко асоцирање, способност за генерализација, оригиналност, иницијативност, широки интереси, специфични способности.

* Факултети.мк: Надареноста почнува уште кога новороденчето со нормален биолошки потенцијал влегува во поволна и стимулативна фаза. Што значи тоа? Како родителите и наставниците можат да му помогнат на надареното и талентирано дете, кои се нивните задачи?

- Кога средината ќе ги забележи способностите треба поинтензивно да работи со детето насочувајќи го кон тие области за кои покажува најголем интерес. Воопшто, условите во кои надареното дете го поминува детството, особено неговиот однос со семејството е прв и најважен фактор. Природно е родителите први да ги воочат манифестациите на детето и да го поддржат неговиот интерес. Ништо не е помала ни улогата на наставниците од моментот на нивното препознавање па понатаму во текот на образованието во изборот на соодветни форми за работа со нив. Наставниците имаат можност долготрајно, систематски да го перцепираат однесувањето на учениците во различни ситуации и да го споредуваат со другите ученици, да контактираат со родителите и да добијат корисни информации од нив во врска со способностите и интересите на нивните деца. Средината има влијание, но за да може надареното дете успешно да функционира голема важност има и сликата што тоа ја има за себе (себедоживувањето). Позитивната слика за себе е основа за самодоверба и чувства на лична компетентност кои се главни двигатели и извор на креативниот стил. Не ретко етикетирањето може да доведе до губење на самодовербата поради зголеменото очекување од средината тоа да биде најдобро и непогрешливо. Етикетирањето дека детето е надарено може да доведе до промени во односите со другите деца во семејството кои автоматски добиваат етикета за ненадарени, со што кај нив се предизвикува чувство на неправда и инфериорност. Практиката потврдила дека ваквото расположение минува за неколку години и се трансформира во задоволство од присуството на надарен член во семејството. Нешто слично се случува и во другата социјална средина-училиштето.

*Факултети.мк: Кога детето ќе се вклучи во наставниот процес, на талентот и надареноста ќе почне да му влијае образовниот процес и наставникот. Кои форми на работа се препорачуваат за овие деца?

- Бидејќи надарените во многу аспекти се разликуваат од другите ученици, потребно е да се направи правилен избор на третманот што го заслужуваат. На ниво на основно и средно образование најчесто се користат три форми на работа со надарените ученици: групирање според способностите на учениците, акцелерација и збогатување. Групирањето според способностите им овозможува на учениците, кои задоволуваат определен критериум, како што е, на пример, високото ниво на интелигенција, да бидат едуцирани со делумно одвојување од своите врсници. Тоа може да се изведе преку различни форми на групирање кои се движат од редовни паралелки, па сî до специјализирани училишта.

Во редовните паралелки наставата се изведува на традиционален начин и тие претставуваат најрестриктивна средина за надарените ученици. Фронталната форма на работа и нефлексибилниот наставен план и програма не соодветсвуваат на специфичните потреби на надарените ученици. Во редовните паралелки со додатна настава надарените ученици ја следат редовната настава, но дел од времето минуваат во продлабочување на нивните специфични интереси преку следење додатна настава која ја реализираат наставници кои имаат попродлабочени знаења од одредена област и се обучени за работа со надарени ученици. Со надарените ученици настава може да се изведува и индивидуално или во мали флексибилни групи, за кои наставникот изработува наставна програма и подготвува материјали за секој ученик, во согласност со проценката за неговите способности и интереси. Надарените ученици можат да следат настава и во одделенија кои се хомогени според нивото на способностите. Иако називите на предметите во сите хомогени групи се исти, барањата што им се поставуваат на учениците се разликуваат во однос на тежината и сложеноста. Надарените ученици од предметна настава и од средно училиште можат да следат настава во специјализирани паралелки. Работата во нив се остварува во рамките на редовните училишта, каде со помал број ученици обично работат по два или по повеќе наставници за одредени групи предмети. Учениците кои покажуваат особено високи перформанси во специјални подрачја од науката и уметноста (како, на пример: музика, балет, сликарство, математика итн. ), можат да посетуваат специјализирани училишта, или пак да се едуцираат и во организации надвор од училиштето (во стручни здруженија, истражувачки или спортски клубови, курсеви, семинари, трибини, летни и зимски школи, дописни школи, вонучилишни натпревари и др.).

За продлабочување на знаењата во рамки на една дисциплина или област во неа за напредните ученици од основно и средно образование се применува збогатувањето, а значајна форма за работа со нив претставува и акцелерацијата. Акцелерацијата им овозможува на надарените порано да го започнат школувањето, побрзо да напредуваат во редовната програма (да прескокнуваат одделенија) и побрзо да го завршат школувањето и да се вклучат во професионалниот живот. Можеме да заклужиме дека образованието и воспитанието на надарените ученици претставува многу сложен проблем како од аспект на изборот на формата за работа со нив, така и од аспект на изборот на програмата за работа. Секако дека, на изборот на формите за организирање на работата влијаат материјално-техничката опременост на училиштето, просторните можности, кадровската подготвеност, како и личните особини на потенцијално надарените ученици.

* Факултети.мк: Дали наставниците кои ги подучуваат надарените ученици и самите треба да бидат надарени?

- Наодите на некои студии укажуваат дека наставниците кои ги подучуваат надарените ученици  е доволно да имаат просечни способности, но натпросечно да бидат заинтересирани да им помагаат на надарените, секогаш да бидат спремни за соработка, да умеат да го наградат трудот, да ја ценат интелигецијата, да ги разбираат нејзините импликации и да знаат како да ја негуваат. Со надарените треба да работат наставници кои се со широки интелектуални интереси, комуникативни, флексибилни, здрави личности. Не се препорачуваат наставници кои се авторитарни, доминантни, несензитивни за интелектуалните и емотивните потреби на учениците, со недостиг на енергија, окупирани со давање информации, интелектуално инертни, незаинтересирани да поттикнуваат иницијатива кај учениците, без волја да дадат повеќе од себе во процесот на подучувањето.Ако добрите наставници се најдобриот извор во создавањето услови за развој на надарените и талентираните деца, потребно е и на едукацијата на наставниците да и се посвети поголемо внимание. Од оваа причина, во иницијалните програми за нивна обука особено треба да се посвети внимание да ги разберат потребите на овие деца и да се обучат како да ги едуцираат.

* Факултети мк: Дали талентот и надареноста може да се претопат и исчезнат во средината поради несоодветно однесување на околината кон детето и како најчесто се манифестира оваа појава?

- Ако сакаме да бидеме во чекор со светските текови во третманот на надарените ученици, потребно е поголемо залагање на сите компетентни субјекти во образовниот процес, најнапред во насока на изработка на соодветна методологија за идентификација, а потоа и едукација на наставниот кадар и стручните служби во училиштата. Секако, не треба да се заборават ни другите фактори, кои инхибиторно дејствуваат на преземањето систематски активности со надарените ученици, како што се немотивираноста на наставниците за дополнително ангажирање без надомест, лошите просторни и материјални можности во училиштата итн. Меѓутоа, мора да имаме на ум дека стимулирањето на младите потенцијали е најдобрата инвестиција на едно општество, бидејќи плодовите од тоа ангажирање придонесуваат за негов самостоен напредок.

 * Факултети.мк:  Како се врши препознавањето и идентификацијата на надарените?

- При изготвувањето на специфична методологија и инструменти за спроведување на организирана селекција на надарените треба да се има предвид дека постојат разлики во манифестациите на надареноста како во однос на специфичното подрачје, така и во однос на развојното ниво на поединецот. Идентификацијата на надарените е ориентирана кон проценување и тестирање на индивидуалните карактеристики и проценување на производите или делата, кои ги создаваат или изведуваат надарените. Испитувачите мораат да знаат дека надареноста целосно не може сигурно да се утврди во еден определен момент како непроменлива величина, особено кога се во прашање децата и младите.

Бидејќи различни видови надареност, па дури и исти видови кај различни поединци, не се јавуваат на иста возраст, при идентификацијата се препорачува на помала возраст да сеопфатат поголем број деца, а со зголемување на возраста,критериумот да се заострува. Обично, како надарени се идентификуваат од 1 % до 20% деца од генерацијата ученици во училиштето. Повторувањето на идентификационата постапка би требало да ги проверува наодите на претходните испитувања.
 
Објавено на 22.07.2016 во категорија Интервјуа
Подготвил: М.Ф
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Интервјуа