Иван Василески, добитник на награда Инженерски прстен: Науката создава можности, а инженерството создава вредност

Иван Василески, добитник на награда Инженерски прстен: Науката создава можности, а инженерството создава вредност

Иван Василески е студент на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии. Тој е добитник на наградата Инженерски прстен, за која вели дека го потсетува на сиот труд, време, посветеност и пречки кои ги совладал во текот на студиите.


Факултети: Како студент на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии вие сте добитник на Инженерскиот прстен, најпрестижната инженерска награда во Македонија. Што претставува оваа награда за вас?

Иван: Порано во компјутерските игри постоеше опција „Save here“ што овозможуваше да се зачува постигнатиот успех во играта. Подоцна, додека напредувате низ сценариото, знаете дека ако изгубите, ќе почнете одново од последното место каде сте зачувале. Исто и со Инженерскиот прстен. Како напредувате низ кариерата и се среќавате со тешкотиите, секогаш може да се навратите на Инженерскиот прстен. Тогаш ќе се присетите на сиот труд, време, посветеност и совладени пречки и тоа ќе Ве убеди дека тешкотиите се нормален дел од играта. Повторно.

Факултети: Како ќе ја искористите наградата во вашиот професионален живот?

Иван: Поволностите што ги овозможува оваа награда се стипендирање на постдипломски студии и вработување во некоја од државните институции.По завршување на постдипломските студии во странство, се надевам дека ќе искористам некоја од овие поволности. Дотогаш, оваа награда ќе биди кулминативна точка во моето резиме.

Факултети: На кој начин ќе придонесите во развојот на македонското инженерство? Имате ли визија и зацртани цели што сакате да ги постигнете?

Иван: Науката создава можности, а инженерството создава вредност. Осцилирањето помеѓу науката и инженерството претставува потенцијал што може да прерасне во модерно автономно претпријатие. Создавањето на повеќе вакви независни мали и средни компании е најздравиот начин за развој на македонското инженерство. По завршувањето на формалното образование се надевам дека ќе бидам дел од еден таков тим. Тим чиј производ ќе има висока додадена вредност, базирана на истражување, знаење и работа.


Факултети: Дали како добитници на Инженерски прстен веќе соработувате со другите колеги? Или размислувате ли за соработка во рамки на Клубот на добитници?

Иван: Секое инженерство, но посебно автоматиката, бара силна интердисциплинарна соработка. Потребата од соработка произлегува од обидите за задоволување на пазарот каде што се настапува. Според тоа, соработката не е само посакувана, туку потребна и неизбежна.Клубот на добитници претставува потенцијал што може успешно да решава тековни проблеми, но и да создава нови иновативни иницијативи.

Факултети: Колку предлозите на Инженерската институција на Македонија за ваше стипендирање и идно вработување ќе Ви го олеснат патот во научните води?

Иван: Како што напоменав, науката е клучна компонента за настап на светскиот натпревар на идеи. Стипендирањето и вработувањето во македонските академски институции е најдобра почетна точка за истражување во одредена научна дисциплина. Тоа би овозможило појавување на глобалната научна сцена и искористување и/или проширување на новите сознанија.