Интервју со Емилија Ташевска: Студира на УКЛА во Лос Анџелес и има највисоки оценки

Интервју со Емилија Ташевска: Студира на УКЛА во Лос Анџелес и има највисоки оценки

Подготвил: М.Ф.


 
Скопјанката Емилија Ташевска, која пред две години матурираше во скопската приватна гимназија Нова можеше да бира меѓу десеттина светски врвни универзитети. Се одлучи за престижниот УКЛА во Калифорнија каде исто така реди успеси. Неколку семестри по ред е една од најуспешните студенти на Универзитетот и добива награда од канцеларијата на деканот заради високите оценки. Во интервјуто со Емилија, зборуваме за тоа како е да се студира на овој Унивезритет и како живеат студентите во Лос Анџелес.

Факултети мк: Неодамна заврши втора година студии на Univerity of California Los Angeles (UCLA). Како успеа да се запишеш на овој престижен Универзитет?
- Во ноември од четврта година средно ја пополнив апликацијата за студии на УКЛА. Апликацијата се содржеше од неколку различни делови и компоненти. Додека еден дел од апикацијата бараше секој ученик да напише два есеи во кои објаснува кои се неговите или нејзините идни цели и амбиции и зошто баш аплицира на УКЛА, друг дел од апликацијата бараше докази за академски успех. За овој вториот дел мене лично многу ми помогна фактот што бев ученик на Меѓународната Диплома (ИБ), и успехот на САТ тестовите.

Факултети мк: Како се организирани студиите на овој Универзитет и што конкретно учиш?0
- На УКЛА сите студенти мораат да земат одреден број на часови од сите дисциплини кои што формираат општо знаење. Потоа секој ученик избира предмет или поле на концентрација. Јас се запишав на Економскиот факултет во УКЛА и во останатите две години ќе продолжам да ја изучувам економијата преку часови на напредно ниво. Освен тоа во наредните две години планирам да се запишам и на одделот за граѓански односи.

Факултети мк: Дека си успешна во студиите покажува и тоа дека неколку семестри по ред ја добиваш наградата Dean’s Honors List Student која се доделува на студенти со највисоки оценки. Кажи ни нешто повеќе за оваа награда?
- Оваа награда се доделува на ученици со висок просек. На крајот на секој квартал канцеларијата на деканот разгледува кои се учениците кои што успеале да ги положат испитите со високи отценки, и ги известува сите ученици кои што заслужиле да бидат на листата на деканот. Учењето и организацијата ми помогнаа да ја добијам оваа награда во последните три квартала.



Факултети мк: Има ли некоја посебна причина зошто се одлучи да студираш на американски универзитет, а не на европски?
- Најголемата причина е тоа што сакав да почувствувам нешто комплетно ново и различно. Сакав убаво да се запознаам со американскиот живот, култура и менталитет и да одлучам дали се за мене. Освен тоа сакав да бидам поблиску до можностите кои Американскиот едукативен систем и Американските фирми ги нудат.

Факултети мк: Каков е студентскиот живот во Лос Анџелес, имаат ли студентите многу привилегии?
- Студенскиот живот е напорен. Бара многу учење, трпение, напор, и организација за успех. Универзитетот ни овозможува доста привилегии како на пример здравствено осигуривање, но сепак има и многу нешта кои учениците мораат да си ги средат сами. Ова е добро поради тоа што создава самостојност.

Факултети мк: Што те фасцинира, изненадува, радува кога е во прашање Лос Анџелес?
- Животот во Лос Анџелес е супер. Највеќе ми се допаѓа топлото време. Во Лос Анџелес скоро никогаш не врне, а и зимите се доста топли. Сепак на само еден и пол час од Лос Анџелес се наоѓа ски центарот Голема Мечка. Така да во месец март можеш од сабајле да одиш на скијање, а попладнето на плажа. Многу ме фасцинира и тоа што тука е вообичаено да видиш некој познат актер или пејач по улица или во ресторан без папараци и без фанови кои го следат.



Факултети мк: Какви се твоите желби за во иднина, обврзана си да работиш во Македонија поради стипендијата, но какви се твоите подолгорочни планови?
- Откако ќе завршам со факултет би сакала да добијам искуство во некоја врвна компанија, па потоа и во институциите на Република Македонија. За подолгорочно немам конкретен план но знам дека би сакала да работам со политиката и меѓунардоните односи, и би сакала да им помогнам на земји ширум светот со нивните економски структури и планови.

Факултети мк: Средно училиште заврши во гимназијата Нова. Какво искуство беше за тебе учењето таму и колку ова училиште те подготви за студии надвор?
- Нова беше едно од најдобрите искуства кои што сум ги имала. Се уште се дружам со другарките и другарите кои ги сретнав таму. Во Нова навистина имавме многу домашни и задачи кои ни го предизвикуваа начинот на кој мислевме, но кога дојдов на факултет сфатив дека УКЛА бара уште повеќе посветеност и секојдневна работа. Тоа што цела настава во Нова беше на англиски јазик навистина многу ми помогна.