Интервју со Лина Ѓорческа: Оствари најдобар ранкинг на ВТА, се радува на секој успех поради Македонија

Интервју со Лина Ѓорческа: Оствари најдобар ранкинг на ВТА, се радува на секој успех поради Македонија


 
Тетовката Лина Ѓорческа е нашата најдобра тенисерка и наголема тениска надеж, која во последнава недела без настап скокна на 219 место на ВТА ранг листата. Иако Лина, обезбеди пласман во полуфиналето на турнирот во Бурса, тој за жал се одложи поради воениот удар во Турција. Кој знае каков скок ќе имаше Лина со одиграни натпревари, но во секој случај таа реди успеси дури и кога не игра. За Факултети мк. Лина вели дека секој напредок на ВТА ранг листата ја прави среќна и задоволна бидејќи тоа е резултат на напорна работа во изминатиот период.

- Исто така се подобриот ранкинг е мотив за уште поголема работа и подобри резултати . 219 место на ранг листата е воедно и најдобар сингл резултат во историјата на Македонија што претставува мотив плус за мене. На 1 август излегува официјалната листа на учесници за УС ОПЕН и од тоа дали ќе бидам дел од квалификациите ќе зависи планот за наредните месеци. До крајот на годината ќе одиграм уште околу 10 турнири со награден фонд од 25.000, 50.000 и 100.000 долари, а се надевам и на учество на ВТА турнир. Следната сезона пред сè би сакала да бидам здрава без ниту една повреда, а од тениски аспект главна цел ми е да бидам дел од сите четири гренд слем турнири - вели Лина.



За Лина психофизичките подготовки за игра се исти, без оглед дали станува збор за турнири од понизок или повисок ранг, но сепак поголем е интензитетот на тренинзите.

- Околу тоа се договараме со моите тренери - вели таа.

Лина е нашата најдобра тенисерка која на Македонија и носи историски успеси кога се во прашање рангирањата на ВТА листата. За жал, надлежните иснтитуции не го гледаат тоа.



- Во целата моја кариера освен поддршката од моите родители и најблиските, не сум имала помош ниту од државата ниту од институциите. А исто така немам спонзор кој би ги олеснил патувањата по турнири низ светот - вели таа.

Лина беше на краток одмор додека го правевме интервјуто, но сепак беше љубезна и најде време да ни одговори на прашањата. После шест турнири во седум недели секако дека заслужува одмор.

- На 1 август повторно почнувам со тренинзи и припреми за турнирите кои следуваат во остатокот од сезоната, се надевам дека тоа ќе бидат подготовки за мојот прв гренд слем турнир. Тенисот е исклучително скап спорт бидејќи бара огромен број на патувања и само оние што се во топ 100 се со одредена годишна заработка. Во овој момент приоритет ми е подобрување на ранкингот од недела во недела, необрнувајќи внимание на финанскискиот дел кој го добивам на турнирите . Секоја победа е убава на свој начин, но посебно се радувам на победите во финалните мечеви без разлика дали е во сингл или дубл конкуренција - вели Лина.



Веќе е добро познато дека Рафаел Надал е нејзиниот омилен колега.

- Од сите големи играчи може да се научат позитивни работи за играта како и за однесувањето на терен. Надал е играчот за кој навивам и кој најмногу го почитувам , поради неговата борбеност на теренот без разлика на резултатот.

Лина е апсолвент на Универзитетотна ЈИЕ (SEEU), но поради обврските околу тенисот не може целосно да ја посетува наставата, но вели дека професорите имаат разбирање за тоа и се радуваат на нејзините успеси.

- Во текот на натпреварувачкиот дел од сезоната дома сум не повеќе од 2 недели пред повторно да заминам на други 3,4 врзани турнири . Тој период, колку што е можно, покрај за подготовки го користам и за дружење со пријателите и најблиските - вели Лина.