Погледнете ги новите откриени планети слични на Земјата

Погледнете ги новите откриени планети слични на Земјата

Подготвил: Тамара Гроздановски

За летало лансирано во 1990 година, вселенскиот телескоп Хабл, може да се каже дека продолжува да обезбедува неверојатни први откритија. Овој пат, истражувачите истакнуваат дека ова летало ги насочи своите погледи во планети слични на Земјата надвор од нашиот Сончев систем со цел да ни овозможи увид во нивната атмосфера.

 

egzo


Во мај, истражувачите го споделиле откривањето на три планети слични на Земјата кои орбитираат околу џуџеста ѕвезда под името „TRAPPIST-1“. Овие ѕвезди се на крајот на опсегот од она што се класифицира како ѕвезда, со половина од температурата и десеттина од масата на сонцето. Се покажало дека трите планети имаат погодна зона за живот од ѕвездата што значи дека водата во течна состојба може да се насобере на нивните површини.

Врз основа на близината на планетите до „TRAPPIST-1“ и нивните температури и големина, истражувачите верувале дека планетите се слични како нашата, со карпеста структура и региони погодни за живот, наместо гасовити џинови како Јупитер. Многу од првите откриени егзопланети спаѓаа во категоријата на гиганти на гас непогодни за живеење. Меѓутоа без поголем увид за атмосферата на овие планети, истражувачите можат само да погодуваат.

Пред нивните наоди да бидат објавени, истражувачите уште еднаш направија анализа на системот на ѕбезди користејќи го вселенскиот телексоп на НАСА, Спицер, кој им овозможи подобро да ја разберат орбитата на планетите. Тие предвидоа редок настан наречен двоен транзит во кој две планети најблиску до ѕвездата ќе поминат пред неа речиси истовремено.

„Кога планетата поминува пред својата ѕвезда, мал дел од ѕвездената светлина поминува низ атмосферата на планетата, што значи дека со себе носи информации за атмосферата низ која помина“, вели Џулиен де Вит, главниот истражувач на истражувањето и постдокторски соработник на Институтот за технологија во Масачусетс.

Де Вит сфатил дека Хабл ќе биде во одлична позиција да набљудува ако е насочен кон системот на ѕвездата, и сугерираше неговиот тим да ги контактира НАСА со предлогот. Двојниот транзит требало да се случи после две недели, такашто имале само неколку дена.

Во неговиот предлог, де Вит ја навел реткоста на двојниот транзит, кој повторно ќе се случел дури после две години, како и уникатната можност да се „види“ атмосферата на овие егзопланети. Предлогот бил разгледан од НАСА и веднаш прифатен.

Два дена после објавувањето на постоењето на овој ѕвезден систем заедно со планетите, де Вит, Хана Вејкфорд од НАСА и Никол Луис од научниот институт за вселенски телескоп, се собрале во институтот за да ги добијат податоците. Како што планетите поминувале во предниот дел на ѕвездата, научниците ги измериле промените во брановата должина. Тимот на научници успеа да отфрли некои можности за атмосферскиот состав на планетите - доколку брановата должина варираше во голема мера, тогаш би станувало збор за планета како Јупитер со голема, подуена атмосфера која не би била погодна за живот.

Но, двете планети имале повеќе компактни атмсофери кои можат да се споредат со оние на Земјата, Венера и Марс. Ова доведе истражувачите да утврдат дека планетите претежно се каменести што значело повеќе докази дека можат да поддржуваат живот.

„Следниот чекор ќе биде користење на Хабл за понатаму да се увиди дали таа компактна атмосфера е жешка, густа и доминирана од страна на јаглерод диоксид како Венера. Она што го дознаваме за атмосферите на егзопланетите е дека постои огромна разновидност. Токму ова го гледаме и кај нашиот сончев систем. Секоја од планетите и месечините околу сонцето се различни, со различни средини. Ерата на големите истражувања за компаративната егзопланетологија само што започна, и во текот на следната деценија ќе учиме се' повеќе и повеќе за егзопланетите“, вели Вејкфорд.

Истражувачите продолжуваат да го набљудуваат „TRAPPIST-1“. Тие сакаат да се обидат да побараат слични ѕвездени системи за да спроведат повеќе истражувања поврзани со атмосферата. Исто така, нивната цел е да соберат пари за изградба на телескопи за набљудување на северното небо. Планетите кои би можеле да бидат пронајдени со користење на овие телескопи би можеле да идентификуваат повеќе предмети за Џејмс Веб вселенскиот телескоп кој треба да биде лансиран во 2018 година. Овој телескоп ќе може да детектира бранови должини од атмосферата, па можеби и озон. 

 

Линк до галеријата.