Ни треба нов начин на размислување, нов фокус кон богатството - Стивен Хокинг за човештвото

Ни треба нов начин на размислување, нов фокус кон богатството - Стивен Хокинг за човештвото

Подготвил: Драгана Петрушевска

Дали парите се битни? Дали богатството не' збогатува? Ова се стари прашања за филозофи, но британскиот референдум е потсетник дека се' е поврзано и дека доколку сакаме да ја разбереме основната природа на универзумот, би биле глупави доколку ја игнорираме улогата на парите во општеството. Стивен Хокинг го напишал ова неодамна за неговата интернет-страница unlimited.world.


Тој додава дека за време на кампањата пред референдумот, тој зборувал дека Велика Британија ќе згреши доколку ја напушти Европската Унија.

„Сега мора да научиме да живееме надвор од ЕУ, но за да успееме во тоа треба да разбереме зошто Британците го направиле изборот. Верувам дека богатството, начинот на кој го разбираме и начинот на кој го споделуваме, играле основна улога во нивната одлука“, вели Хокинг.

Тој додава дека една од причините поради која верувал дека Велика Британија згрешила што одлучила за напуштање била поврзана со грантовите. На британската наука ѝ се потребни парите кои може да ги добие и еден важен извор на такви финансии многу години била Европската комисија. Без овие грантови, многу работи не би се случиле.

Парите се важни и за индивидуалците, особено кај оние со хендикеп, кои што добиваат финансиски средства од владата. Хокинг се потсетува на случај кога се разболел од пневмонија за време на патување во Швајцарија, кога неговиот факултет платил и организирал негово враќање дома за лечење.

„Јас би бил последниот човек кој би го негирал значењето на парите. Сепак, иако богатството играло значајна практична улога во мојот живот, со него сум имал поинаква врска од повеќето луѓе“, вели Хокинг.

Тој додава дека парите играле улога во неговиот живот бидејќи му биле потребни за здравјето, но поседувањето предмети не го интересира.

„Не знам што би правел со тркачки коњ, или Ферари, дури и доколку би можел да си ги дозволам“, вели тој.

Хокинг смета дека овој пристап е почесто споделуван денес. Луѓето започнуваат да се прашуваат за вредноста на богатството. Дали знаењето или искуството се поважни од парите?

Ова прашање и сличните на него предизвикуваат промена во однесувањето на луѓето, а ова инспирира нови идеи и проекти. Хокинг се надева дека луѓето ќе размислуваат уште повеќе на ваков начин во иднина бидејќи се наоѓаме во тешки моменти.

„Нашата планета и човековиот вид се соочуваат со многу предизвици. Овие предизвици се глобални и сериозни - климатски промени, производство на храна, пренаселеност, изумирање на видови, епидемии, труење на океаните. Таквите проблеми ќе бараат од нас да соработуваме, секој од нас, со заендичка визија и заедничка цел да се потрудиме човештвото да преживее. Мора да се адаптираме, да размислуваме, да смениме фокус и да смениме некои основни претпоставки за она што го сметаме за богатство, поседување, мое и твое. Исто како и децата, ќе мора да научиме да споделуваме.“

Хокинг заклучува дека доколку не успееме во обединувањето, силите кои го поттикнале Брегзитот, ќе се засилат секаде. Доколку тоа се случи, Хокинг не би бил оптимист за иднината на нашиот вид.

„Но ние можеме и ќе успееме. Луѓето се снаодливи, оптимист и се адаптираат. Мора да ги прошириме дефиниците за богатството и да вклучие знаење, природни ресурси и човекова способност, а истовремето да научиме да ги споделуваме сите тие поеднакво. Ако го сториме ова, тогаш нема граница за она што може да го постигнат луѓето заедно“, завршува Хокинг.