Повик за пријавување на трудови за првиот број на археолошкото студентско списание

Повик за пријавување на трудови за првиот број на археолошкото студентско списание "Axios"


 
Студентското Археолошко Здружение “Аксиос” од Скопје започна со подготовки за издавање на првиот број од меѓународното електронско списание за студентски стручни трудови “AXIOS” кое ќе опфаќа теми од областа на археологијата, историјата на уметноста и културното наследство.

Списанието ќе излегува еднаш годишно, а право за поднесување на трудови имаат сите активни студенти кои имаат запишано додипломски или постдипломски студии. Рокот за поднесување на стручни трудови за првиот број на “AXIOS” е 15 октомври 2016 година, а списанието се очекува да биде издадено на почетокот од 2017 година.

“Следејќи ги целите на Студентското Археолошко Здружение “Аксиос” од Скопје за промовирање на културното наследство и придонесување кон археолошката научно-истражувачка дејност, како и за подобрување на квалитетот на студиите по археологија, историја на уметноста и сродните науки, се одлучивме за издавање на ова списание кое треба да служи како поттик за студентите да создадат навика за пишување на стручни трудови, а со оглед на тоа што ќе се работи за меѓународно списание, и за поттикнување на интернационалната соработка меѓу студентите, ” изјави Игор Ефтимовски, претседател на Студентското Археолошко Здружение “Аксиос” – Скопје.

Трудот кој се поднесува треба да биде изработен според вообичаените правила и стандарди за издавање на стручни трудови (име и презиме на авторот, студентски статус, факултет и универзитет на кој студира, контакт e-mail на авторот, наслов на трудот, апстракт на јазикот на кој е напишан трудот, клучни зборови, фусноти, библиографија и извори, илустрации и резиме на англиски јазик). Трудот не треба да надминува 16 странци текст (20 страници заедно со илустрации).

Сите заинтересирани студенти своите трудови треба да ги испратат на следниот e-mail: sazaxios@gmail.com.

За повеќе информации во врска со трудовите и списанието можете да се обратите и до официјалната Facebook страница на САЗ “Аксиос”: .