Весна Иваноска, генерален менаџер на СЕДЦ:

Весна Иваноска, генерален менаџер на СЕДЦ: "Децата ќе ги учиме да ја користат технологијата за да ги оживеат нивните идеи"

Seavus едукативен и развоен центар (СЕДЦ) од септември почнува со проектот за деца Ithink академија, оригинална програма која на децата ќе им го претстави најинтересните и најперспективните области во технологијата.

Во време кога компјутерите, паметните телефони и различните технолошки изуми се неизоставен и неопходен дел од секојдневното живеење, Seavus едукативен и развоен центар (СЕДЦ) почнува со еден многу интересен проект за деца наречен Ithink академија. Тоа е најновиот проект на професионалците од SEDC на кој работеа со многу љубов и ентузијазам изминатата година. Станува збор за воведна, по многу нешта оригинална програма која на децата ќе им го претстави најинтересните и најперспективните области во технологијата.

- Програмата е составена е од 6 модули: „Започни со Ithink“, „Мистериите на интернетот“, „Ајде да дизајнираме“, „Забавно кодирање“ и „Сакам роботи“ и сето тоа во духот на последниот модул „Јас и другите“ кој се провлекува како дел од методологијата низ сите други модули. Возрасната група која е најпогодна да ја следи оваа програма е помеѓу 8-14 години. Учеснците ќе бидат распределени во три групи од по 12 деца – објаснува Весна Иваноска, Seavus едукативен и развоен центар.



Со кои ИТ вештини и знаења ќе се стекнат децата кои ќе ја посетуваат академијата?
- Кога воопшто се роди идејата за Ithink, си поставивме цел дека нема да имаме програма која ќе нуди изучување на апликации, операции или со еден збор технологија заради технологија. Сакавме програма што ќе ги натера децата да размислуваат во обратна насока. Не во насока на тоа како работат апликациите Thimble, Sketching и Touch Develop туку: како да направам најоригинална маичка за роденденот на мојата другарка (со некоја од овие апликации)? Како да направам своја игра? Како да го натерам роботот да танцува? На овој начин, фокусирани на решавање на својот предзвик, тие пред сѐ ќе размислуваат креативно и без ограничувања.

Колку време ќе трае програмата и како ќе биде организирана?

- Програмата опфаќа 172 часа распоредени во 10 месеци. Часовите се одвиваат со динамика од две доаѓања од по 2 часа неделно, при што групите се составени од по 12 деца.

Постои ли интересен и креативен начин за едуцирање на децата во ИТ-секторот? Како се замислени предавањата имајќи предвид дека треба да се интересни и забавни и за осумгодишни деца?
- Да, токму тоа веруваме дека го правиме со Ithink. Првите асоцијации за едукација на децата во сферата на технологијата, општо, не само во ИТ, се поврзани исклучиво со математика и информатика, додека помалку се посветува внимание на креативниот процес на дизајнирање на решението и секако применливоста. Па така, едукацијата главно се сведува на конвенционално, да не кажам сувопарно изучување на хардвер и софтвер. Ithink e токму обратното. Од тука и името Ithink не е случајно избрано, бидејќи прво доаѓа креативниот наплив на идеи и концепти, а потоа технологијата како алатка со која ја оживуваме таа конкретна замисла. Асоцирајќи си со прашања, теми и ликови од нивното секојдневие, децата ќе можат да уживаат, но и веднаш да го видат производот од својата работа, а со тоа и дополнително да се мотивираат. Со ова сметаме дека на многу деца ќе им ја демистифицираме технологијата, да ја почуствуваат корисната и практична страна и можеби ќе ги натераме посериозно да се занимаваат со неа.

Дел од активностите на оваа академија се и бесплатните работилници „Ајде на плажа со Ithink“ кои ќе се одржуваат на 8,9 и 10 август во просториите на Seavus едукативниот и развоен центар. Кој може да се пријави на овие бесплатни работилници и што ќе се учи на нив?
- Од стартот на промоцијата на Ithink добивме навистина многу позитивни коментари, но секако и многу прашања околу методологијата, предавачите и општо условите за работа. За да ја доближиме Ithink до сите зантересирани деца и родители организираме промотивни настани, средби и дружење со нашите предавачи. “Ајде на плажа” е уште еден промотивен настан на Ithink, но со оглед на тоа дека сме на средина на летото, овојпат малку порелаксиран, па така работилниците од програмирање, дизајн и роботика имаат летен предзнак и поинакви имиња. „Ловиме рипки на плажа“ е работилницата за програмирање, со роботика ќе се запознаваме “Tанцувајќи на плажа”, а неизбежното прашање Kако го поминувам летово, овојпат ќе го поставиме на работилницата за дизајн.



Каков придонес ќе има Ithink академијата во создавањето на нови генерации во ИТ-секторот?
- Со Ithink, пред сѐ, ќе се обидеме да ги подготвиме младите генерации дека доаѓа ера во која технологија не само што е присутна, туку е начин на живот и за жал или за среќа повеќе не е избор. Без разлика што ќе одлучат да бидат, дали професионално ќе се занимаваат со ИТ или не, важно е да ја познаваат и да ги искористат максимално придобивките од неа. Поважно е што со Ithink уште повеќе ќе ја поттикнеме и насочиме нивната и онака љубопитна и имагинативна природа.

Организирате и отворени денови за децата и родителите кои сакаат повеќе да дознаат за Ithink академијата. Што покажува досегашното искуство, дали децата веќе имаат одредени ИТ предзнаења кога доаѓаат кај вас?
- Да, отворените денови се исто така начин и родителите и децата да се информираат за се што ќе понудиме во Ithink. Првиот отворен ден беше во јуни и на тоа дружење децата ни го покажаа токму она што и го претпоставувавме, дека технологијата ги фасцинира особено затоа што дава одговор на, за нив, забавни, а сепак важни дилеми. Како лета Бетмен? Каде е мозокот на машината за перење? Кој и како го измисли интернетот? Сите овие и тоа како се релевантни прашања за нив. Децата денес се секако поблиски до технологијата, но сепак, природно на оваа возраст е да ја восприемаат повеќе од аспект на корисници. Нашата цел ќе биде да почне да ги интересира и делот на создавање со помош на технологија. Следниот отворен ден е веќе на 5 септември, кога повторно на забавен начин ќе ја најавиме програмата која стартува од септември, а за која уписите се веќе во полн ек.

СЕДЦ постои од 2010 година и досега понуди неколку различни програми и курсеви за ИТ професионалци. Планирате ли да понудите нешто ново за во следниот период?
- Овој период, покрај на Ithink, стандарно фокусирани сме на уписите за новата академска година во СЕДЦ на трите насоки, програмирање, дизајн и компјутерски мрежи. Академијата годинава ќе биде збогатена со нова програма за претпримништво и пред-старт ап програма (подготвителна програма за лансирање старт - ап компании), а со нов циклус продолжува и Бизнис симулаторот – единствен облик на реално учење преку работа на вистински проекти, овојпат во соработка со една од најголемите компании кај нас. На овој начин СЕДЦ продолжува да го следи светскиот тренд на искуствено и персонализирано учење со што веруваме донесовме револуционерна промена во неформалната едукација кај нас.