Теодора Попорданоска, една од најдобрите студенти на ФЕИТ: Идни бруцоши - верувајте во себе

Теодора Попорданоска, една од најдобрите студенти на ФЕИТ: Идни бруцоши - верувајте во себе



Што значи да сте награден студент на ФЕИТ

Да се биде меѓу наградените студенти на ФЕИТ претставува особена чест и задоволство. Тоа ми дава дополнителен поттик за исполнување на нови и повисоки цели. Тоа е признание за трудот, напорната работа и посветеното време.

Тешко ли е да се студира на ФЕИТ?

Студирањето на кој било факултет, особено на почетокот, е комплексен и можеби застрашувачки процес, а ФЕИТ важи за еден од најтешките факултети. Потребен е интерес во полето на електротехниката и информациските технологии, многу работа, посветеност, логично размислување. Но, со добро планирање на времето и љубов кон тоа што се учи, студирањето не е толку тешко. Напротив, станува интересно и инспиративно.

На крајот на краиштата, самиот студент определува колку ќе му/ѝ биде тежок факултетот - дали ќе учи за да положи или за да стекне знаења кои подоцна правилно ќе ги искористи во работата, дали ќе учи пред испит или континуирано, дали ќе избере предмет за да научи или затоа што полесно се поминува.

Ваш модел за успешно студирање?

Кога ги започнуваме студиите сите имаме различен начин на учење. Нема точен одговор на прашањето кој модел на учење е најдобар, меѓутоа, од каде и да доаѓаме и на кој било факултет да се запишуваме за да бидеме успешни мора да имаме јасна цел, мотивација, самодоверба, навика за учење и малку среќа. Како генерално правило, за успешно студирање според мене придонесува и редовно посетување на предавањата и аудиториските вежби, фаќање забелешки, навремено исполнување на обврските, консултирање со колеги, барање помош од асистенти и професори.

Во однос на решавањето задачи, лично, преферирам учење во група затоа што тоа ми овозможува согледување на проблемот од поинаква перспектива, побрзо и полесно доаѓање до вистинското решение и надополнување на знаењата меѓу членовите на групата.

Препораки до Вашите идни колеги - зошто да се запишат на ФЕИТ?

Изборот на факултет е еден од најголемите предизвици со кои се соочува секој млад човек. Со завршување на средно образование секој си ги знае своите желби и афинитети.

Дополнително, долгогодишната традиција, добро опремените лаборатории, соработката на факултетот со голем број научни институции и компании, стипендиите, флексибилните можности за вработување се дел од причините зошто се запишав на ФЕИТ.

Тука запознав високо мотивирани и амбициозни професори и студенти, подготвени да помогнат, да објаснат, да споделат искуства и да насочат кон тековните трендови во техниката. На идните студенти би сакала да им порачам да веруваат во себе, да си поставуваат високи цели и да не се плашат да ги остварат своите желби.

Каде ја гледаш својата кариера?

Тековно се фокусирам на завршување на моето досегашно студирање. Размислувам за продолжување на магистерски студии, со надеж дека ќе ми се отворат нови видици и ќе имам појасна претстава за мојата идна кариера.