Научниците открија зошто змиите се толку долги

Научниците открија зошто змиите се толку долги

Подготвил: Тамара Гроздановски

змија 

 

Змиите имаат толку долго тело поради еден ген, покажуваат новите истражувања. Таканаречениот Oct4 ген ги регулира матичните клетки и влијае врз растењето на средниот дел од телото на 'рбетниците.


Кај змиите, овој ген останал „вклучен“ во текот на ембрионалниот развој.

„Формирањето на различни региони на телото функционира како силен натпревар помеѓу гените. Кај змиите, ние откривме дека генот Oct4 е активен во текот на подолг период на развојот на ембрионот што објаснува зошто змиите имаат толку долго тело и толку кратка опашка.“, вели Д-р Рита Аирес, од Институтот Гулбенкиан де Сиенсиа во Лисабон Португалија.

Еволутивните промени предизвикале генот Oct4 да биде поставен до ДНК регионот кој го држел „вклучен“ во ембрионот на змијата, откриваат истражувачите. Откритието било направено за време на проучувањето на глувците кои имале невообичаено долги или кратки тела.

Разбирањето на улогата на Oct4 во одржувањето на должината на телото на змијата може да помогне во регенерацијата на 'рбетниот мозок, тврдат научниците.

Лидерот на истражувањето, Д-р Моисес Мало вели: „Ги идентификувавме клучните фактори кои овозможуваат неограничен раст на структурите на телото, се' додека остане активен. Сега ќе испитаме дали можеме да го искористиме генот и ДНК регионот кој ја одржува активноста за да ги прошириме клетките на 'рбетниот мозок, со што би довело до нивно регенерирање во случај на повреда“.