Се` помалку Македонци сакаат да работат на брод

Се` помалку Македонци сакаат да работат на брод

Подготвил: Д.Ф


 
Причини за тоа има повеќе, но основно, според мене, е дека младата популација бара полесен начин за заработувачка, вели Зоран Кочоски, генерален менаџер на агенцијата за посредување при вработување „Коузон“.

Се намалува интересот на Македонците за работа на брод. Бројките на агенциите што посредуваат за работа на некој од бројните крузери кои крстарат по светските мориња и океани покажуваат дека во последните година-две има двојно помалку пријавени за разлика од пред пет или 10 години кога имаше огромен интерес.

Од агенцијата за посредување при вработување „Коузон“, која е најголемиот посредник во Македонија за работа на брод, велат дека на годишно ниво има околу 500 апликанти кои преку нив бараат работа на брод, што генерално ги прави задоволни од интересот. Сепак, оваа бројка е двојно помала од пред неколку години.

- Ако споредиме со интересот од пред 10 или пет години, можам да кажам дека тој реално е намален за околу 50 отсто. Причини за тоа има повеќе, но основно, според мене, е дека младата популација бара полесен начин за заработувачка – вели Зоран Кочоски, генерален менаџер на „Коузон“. Сепак, се уште многу млади од земјава својата шанса за заработувачка и подобра живот ја гледаат во работата на брод. На крајот на минатиот месец најголемата европска бродска компанија за крстарење „МСЦ Крузес“ (MSC Cruises) преку агенцијата „Коузон“ организираше директни интервјуа со лица кои се пријавиле за работа на брод. На ова интервју, компанијата избрала 47 Македонци кои добиле вработување на некој од многубројните крстосувачи на „МСЦ крузес“. Од „Коузон“ нагласуваат дека со оваа компанија имаат одлична соработка, така што очекуваат до крајот на годината таа да вработи околу 300 лица од Македонија.

Од „Коузон“ објаснуваат дека работните договори со „МСЦ Крузес“ генерално се потпишуваат на 8 месеци. Притоа, повисоките работни позиции добиват работни договори на 6 месеци , додека за сите останати работни позиции се на 8 месеци. По овој период, вработените лица имаат 2 месеца одмор, по што следи продолжување на работниот договор за ист временски период.

Кога станува збор за работа на брод, најголем интерес за вработување Македонците покажуваат за работните позиции во ресторан, бар, но и за работните места во казино, фришоп продавници, како и за позицијата фотограф.

- За сите овие работни позиции во „Коузон“ секогаш има отворен оглас за пријавување на нови заинтересирани лица. Работните позиции се извонредно платени при што дополнителен бенефит е бесплатното сместување и храна кои ги нудат овие компании – вели Кочоски.

Од 2000 година досега, колку што „Коузон“ посредува за вработувања, преку агенцијата се вработиле околу 10.000 млади од Македонија. Оттаму велат дека бројката можеби е голема, но сепак не ги одразува до крај можностите на агенцијата.

- Реално, потенцијалот на овие работни места е далеку поголем. Ако би имало поголем интерес и пред се квалитет во лични квалификации на барателите на работа, Коузон реално може да вработува и над 1.500 млади од Македонија годишно – вели Кочоски.