Зoшто ни е неопходен Алан Форд
Радосна вест за љубителите на деветтата уметност доаѓа од Србија. Имено, неодамна се појави најново, колор издание, на легендарниот стрип „Алан Форд“. И тоа хронолошки, од првиот број...
Сценаристот Лучијано Секи и цртачот Роберто Равиола, попознати под своите псевдоними Магнус и Макс Бункер, го започнаа овој стрип во мај 1969 г. во Италија, сместувајќи го дејството во Њујорк, каде преку авантурите на легендарната група ТНТ се исмева капитализмот, расизмот и други карактеристики на американското општество, но не е поштеден ниту тоталитаризмот на тогашните земји од источниот блок.
На поранешните ју-простори, стрипот се појавува во 1972 г. во издание на загребскиот Вјесник, во превод и адаптација на српскохрватски јазик. Своевиден феномен е што стрипот својот најголем успех и популарност ги доживува токму на овие простори, благодарение најмногу на легендарниот превод и адаптација на Ненад Брикси, кој со ненадминливиот стил успеа црниот хумор и сатирата, адаптирани во простор и време, да ги преточи во оригиналната приказна и цртеж на „Алан Форд“.
„Алан Форд“ неодамна го доживеа петнаесеттото реиздание на овие простори. Една од главните причини за вонредната популарност лежи во фактот што читателите одамна се сродија со јунаците од стрипот, како самите да се препознаваат во егзистенцијализмот на главните ликови.
Вивисекцијата на менталитетот на населението на поранешните ју-републики преточен во основната идеја и визија на Макс Бункер, е основната причина за огромната популарност на стрипот на Балканот.Ова не е единствената причина заради која вреди повторно да се следат авантурите на групата ТНТ.
Дефинитивно „Алан Форд“ е еден од стриповите кои се камен-темелници на популарноста на деветтата уметност на Балканот, но и своевиден феномен кој се одржува повеќе од четири децении без да изгуби од својата актуелност. Главна карактеристика на стрипот е силната општествена сатира, особено заради стилот на неодминливото претерување и апсурдност, а лајтмотивот е критика на секој некомпетентен, авторитарен и пропагандистички систем на општествено уредување.
Ете затоа и „Алан Форд“ и покрај „сериозната возраст“ и „ впечатливо искуство“ и ден-денес сè уште се води како „жител“ на улицата Балкан бб.