Мартина Димоска: На пракса во Церн, на студии во САД, ќе истражува во најсовремените лабаратории

Мартина Димоска: На пракса во Церн, на студии во САД, ќе истражува во најсовремените лабаратории

Подготвил: Д.Ф.



Најдобра студентка на ТМФ, најмлад ментор на N.A.S.A. Space Apps натпреварот, примена на пракса во Церн, Женева и стипендист на Kent State University во САД... Ова се само дел од неверојатните успеси на нашата Мартина Димоска со која разговаравме пред заминувањето на студии во САД. Мартина ни откри дека е избрана на високо конкурентна програма ќе изучува Aerospace Engineering што ги сихнронизира нејнзините две претходни дипломи.

- Никој пат до успехот не е лесен но знае да биде наградувачки а тоа ме стреми да творам уште повеќе и да ги искачувам наредните скалила со повеќе решителност - вели Мартина во интервјуто за Факултети.

Факултети.мк: По неверојатно успешната 2015 година помината како стипендист на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, твоето образование ќе го продолжиш како стипендист во САД. За какви студии станува збор и на кој универзитет?

- Ми претставува огромна чест да бидам избрана на ваква високо конкурентна програма. Ќе бидам во САД да ги завршам своите студии на Kent State University, изучувајќи Aerospace Engineering што ги сихнронизира моите предходни две дипломи: Инженерство на материјали и нанотехнологии на технолошко - металуршкиот факултет и академијата за мехатроника, роботика и ембедед системи при NewMan’s Business Accelerator што ме води чекор понапред до постигнување на моите планирани цели. Global UGRAD програмата е спонзорирана од U.S. Department of State и е иницијатива што доделува стипендии за додипломски студии на студенти од над 55 земји. Студентите се поставени во колеџи или универзитети низ САД соодветни или комплементарни на нивното предходно образование. Global UGRAD програмата е спроведена од страна на World Learning кои што олеснија поставување на над 1.800 Global UGRAD студенти кои што се спознаваат со алатки за да станат млади лидери во своите професии. Топло ја препорачувам оваа програма на заинтересирани млади и квалитетни ентузијасти со исклучителен талент и успеси на кариерен план и ги охрабрувам сите иновативни студенти да се пријават на наредниот конкурс кој ќе излезе следната година во Ноември.

Факултети мк: Со оглед на твоето извонредно досегашно портфолио и реализирани проекти, тешко ли беше да се влезе на универзитет во САД? Каков беше патот до таму?

- Мислам дека конкуренцијата беше доследна за почит и многу ми е мило што во финалето бев со толку компетентни млади луѓе од нашава земја од различни сектори кои имаа мноштво успеси и дела зад себе. Секако низ сите интервјуа и тестови квалитетот секогаш зборува сам за себе и на крајот многу нешта што те издвојуваат и те прават комплетен ти носат пресудна победа и пласман. Никој пат до успехот не е лесен но знае да биде наградувачки а тоа ме стреми да творам уште повеќе и да ги искачувам наредните скалила со повеќе решителност.

Факултети мк: За што точно ќе се специјализираш во САД, кон што конкретно ќе се насочиш?

- Како што напоменав погоре ќе изучувам Aerospace Engineering на Kent State University. Условите за прием таму ти бараат не само просек од твојот факултет туку и од средно образование (константен тек на просекот и докажувања) и се фокусираат на познавање на Англиски и Математика, критично размислување, решавање проблеми и способност да бидеш директно поставен во класот на Mатематичка училница и да продолжиш со напредување низ Аналитичка геометрија и анализа како и калкулус без никаков проблем. Минимумот на SAT тестот треба да е 1700 (сложен резултат). Мора да се има познавање на воздухопловна систем инженеринг технологија во рамките на аеронаутиката , познавање на физика и просекот што треба да се одржи таму е најмалку 9, односно B grade. Досега мојот OPAL тест беше 100% A и сметам дека сум прилично компетитивна и амбициозна да го задржам и понатаму при сите предизвици.

Факултети.мк: Зошто ги избра токму САД како земја во која ќе го продолжиш образованието? Што е предноста на универзитетите во САД пред еминентните европски универзитети кога станува збор за техничките науки?

- Интернационално искуство е секогаш од бенефит. Досега сум имала можност да ги искусам европските универзитети на неколку месечен период но ова е сосем поинакво и поамбициозно доживување. Првично ќе ја зголемам мојата мрежа со професионалци од целиот свет кои што се искусни во своето поле и решаваат проблеми на поинакви начини од моите, па ќе можам доста да научам од нив.

Да не напоменам дека ќе имам можност да работам и истражувам во најсовремените лабаратории. Ќе се запознам со нови стилови на учење кои подоцна лесно би ги применила тука и секако ќе запознаам мноштво култури и еден повисок степен на амбициозност кој ќе ме извади надвор од комфорт зоната. А јас секогаш сакам таков добар мотивирачки предизвик.

Факултети.мк: Твоето професионално доусовршување не престанува и си една од најимпресивните и најкомпетентните Македонки досега. Те прифатија на летната школа во ЦЕРН – Женева . За што станува збор?

- Церн е приказна сама за себе. Првично горда сум на себе што кога ќе зацртам цел - секогаш е успешно извршена. Сметам дека секој треба да верува во себе но и да е доволно реален за да види колку е компетентен да придонесе во некое поле и каде треба да вложи напорен труд за да оствари одреден успех. Праксата во ЦЕРН - Женева ќе ми овозможи да се надградувам во полето на системското инженерство напоредно со инженерството на материјали и нанотехнологии што ми е всушност и струка. Да бидеш вклучен во најголемите светски експерименти и да можеш да учиш од докажани експерти е нешто на кое чекам со нетрпение! Ќе бидам вклучена во програма од мултикултурен тим, ќе имаме следење на предавања кои ќе не усовршат и ќе учестуваме во дискусии и работилници со луѓе кои се лидери во својата област. На крајот од програмата ќе придонесеме со завршни проекти каде што нашиот придонес ќе биде отценуван.

Факултети мк: Досега имаше успешна соработка со УНДП, особено кога ти и твојот тим победивте на нивниот натпревар, првиот климатски предизвик и креиравте паметни влошки за обувки што генерираат електрична енергија. Но, сега ја продлабочувате соработката, објасни ни повеќе околу тоа?

- Соработката е продлабочена со тоа што со мојот тим оваа година станавме ментори на овој натпревар и можам да кажам дека ни е особена чест што нашите фаворити со кои што работевме донесоа победа! Имаше толку многу добри и перспективни проекти на кои што сме многу горди. Полека но сигурно ја шириме свеста за штетните стакленички гасови и како тие да се намалат и секогаш е прекрасно да се работи со толку прекрасни луѓе! Апелирам до поголема вклученост во овој сектор од сите иновативни млади умови за да придонесеме кон поголемо општествено добро. Премногу сме горди што како тим успеавме да реализираме една таква иновација која што придонесе толку многу. Секако активно се преговара и се вложува во иднината на истата.

Факултети мк: Активно те следиме со сите твои инспиративни подвизи меѓу кои и твоите N.A.S.A. Space Apps менторски сесии во NewMan’s Business Accelerator. Какво е чувството да се биде најмлад ментор?

- Мислам дека како најмлад ментор носам една поинаква тежина но и поинаква позитива. Тежина затоа што се чувствувам должно да понудам што повеќе професионалност и знаење за решавањето на предизвиците бидејќи ментор сум и на многу поискусни и повозрасни од мене. Па за да сме на исто ниво мора да го понудам максимумот. Позитивата доаѓа од фактот што учесниците можат побрзо да се поврзат со мене и полесно да го дефинираме проблемот затоа што не се чувствува бариерата.

Од хакатон во хакатон растам се повеќе како личност и учам многу нови работи за себе и за начинот на кој што можам да придонесам кон еден тим како лидер.

Да се биде дел од Њуменс значи многу затоа што тие ми се моето второ семејство. Дефинитивно научив многу и сум екстремно благодарна на целиот тим за сите прилики и можности за раст и развој што ми ги дадоа. Јас не би била јас без нив. Никое друго место не ми го дава чувството кое што го имам таму. Многу сум горда на сите нивни проекти и N.A.S.A. Space Apps е приказна од која што никогаш нема да се откажам.