Уганда сака да го затвори синџирот профитни училишта потпомогнати од Цукерберг, Гејтс и Светска банка

Уганда сака да го затвори синџирот профитни училишта потпомогнати од Цукерберг, Гејтс и Светска банка

Подготвил: Б.Б.

Приватни училишта во Уганда


Од секторот за образование на Уганда повикаа на затворање на 63 градинки и основни училишта управувани од Bridge International Academies (BIA), контроверзен синџир од профитни училишта кои нудат стандардизирано, интернет образование во земјите во развој.

Имено, министерката за образование на Уганда, инаку сопруга на угандскиот претседател, Јанет Мусевени, соопшти дека државната инспекцијата, на 17 август, во просторите на Bridge International, констатирала лоши услови во инфраструктурата, хигиената и канализацијата, што ги загрозуваат животот и безбедноста на децата. Мусевени побара школите да се затворат до крајот на септември и да останат затворени додека не се исполнат условите дадени од министерството.

Инаку, Bridge International е стартап компанија формирана во Кенија во 2008 година, која е финансирана од Бил Гејтс, Марк Цукерберг, Пјер Омидјар, Светска банка, Пирсон компанијата за образование, но и од САД и Велика Британија, и нуди школување за сиромашните семејства кои партиципираат со 6 долари месечно, а предавањето на лекциите се одвива преку користење на таблети, паметни телефони и други алатки. Нивната мисија да обезбедат образование за сиромашните заедници во Азија и Африка, беше прифатена со одобрување и пофалба заради обидот да се надомести недостатокот од образовни ресурси ширум светот.

Но, Bridge International се обвинуваат за неквалитетно спроведување на нивната идеја, затоа што вработувале евтина работна сила и користеле запуштени објекти, за да имаат помали трошоци. Нивните критичари велат дека со методот на настава ја сведуваат на минимум интеракцијата меѓу учениците и наставниците и дека поттикнуваат приватизирање на образованието. Минатата година повеќе од 100 организации во Кенија и Уганда потпишаа изјава во која ја осудуваат помошта што им ја дава Светска банка на Bridge International.  

Од Bridge International се огласуваат со загриженост од намерата да се затворат нивните центри во кои работат, како што велат во изјавата, 800 Угандијци, а учат 12.000 деца од Уганда, а кои при тоа ќе останат без работа, односно образование. Тие велат дека посветено работат на овозможување образование од светска класа на децата од земјите во развој.