Од стомачен вирус деца завршуваат и на инфузија

Од стомачен вирус деца завршуваат и на инфузија

Подготвил: В.Ф.

Педијатрите советуваат ако состојбата се влоши децата веднаш да се однесат на лекар. Во меѓувреме родителите да се обидат да не дехидрираат децата



Стомачен вирус, проследен со висока темпертаура, повраќање и дијареа е причината што деновиве се преполнети лекарските ординации и клиниките за инфектологија. Вирусот различно се манифетсира кај секој, а трае два до три дена. Некаде само со по еден од симптомите, некаде со комбинација од два симптома, а некаде со сите три. Неколку наши читатели ги споделија своите искуства со нас.

- Не знам од каде се заразивме. Прво и се слоши на ќерка ми – раскажува И. Милошевска од Куманово.

Тригодишното девојче повраќало и имало дијареа цела ноќ. Се што ќе внесело за неколку минути го исфрлало од себе. Веќе следниот ден ги хоспитализирале во кумановската болница и ја окрепиле со инфузија. Следниот ден се разболела и мајката, но таа полесно го поднела вирусот, само со дијареа. На крај, со исти симптоми како сестра си, на инфузија завршило и нејзиното помало братче.

Семејство од Скопје се затекнало во контакт со заразени од вирусот.

- Имам деца и очекував нешто да се случи во следните два три дена. Бидејќи ниедно од децата не се разболе, ми олесни и си реков дека го избегнавме вирусот. Дури по една недела мојот шестгодишен син доби многу висока температура, повраќаше цел ден и имаше дијареа. Но цел ден настојував да пие по малку течности за да не дехидрира. Бевме на дежурен педијатар, ни рекоа само да продолжиме со се што правевме дотогаш и да го надгледуваме. По два дена состојбата му се стабилизира, но вирусот ме закачи мене, само без зголемена темпратура. Поминав лошо, но акутната состојба траеше 24 часа. За среќа не се пренесе на бебето и на сопругот, но тие се трудеа да бидат изолирани – вели Теодора Стојановска.

Педијатрите советуваат ако состојбата се влоши децата веднаш да се однесат на лекар. Во меѓувреме родителите да се обидат да не дехидрираат децата. Да им се дава на неколку минути по една голтка млак чај од нане или сок, дури и кока кола во кој е растворен електролит, или по една лажичка супа од петел.

- Ако детето има висока температура, а сте му дале парацетамол/далерон, а за три до четири часа повторно е повисока од 38.5 степени, може да датете сируп-ибупрофен, се разбира доза соодветна за возраста. Детето можете да го масирате со раствор од 70 отстотен алкохол и вода (во размер 50:50), а можете и во оваа течност да потопите памук и да ги ставите под пазувите и позади коленцата. И да го туширате со млака вода – вели дежурен педијатар.