Најпознатите седум фудбалери кои играле за повеќе репрезентации

Најпознатите седум фудбалери кои играле за повеќе репрезентации

Подготвил: Б.Б.

Правилникот на ФИФА се менувал низ годините, па доколку некој играч сака да го промени спортското државјанство и да заигра фудбал за некоја друга репрезентација потребно е да бидат задоволени голем број сегменти. Во ракометот, на пример, е многу поедноставно, но играчот што сака да го направи овој “трансфер” мора да се соочи со низа одрекувања. Во кошарката е дозволено да настапува натурализиран странец, а во најголем број од случаите се работи за Американец кој не може да се избори за место во “дрим тимот” на репрезентацијата на САД.


Џермеин Џонс: Настапил трипати за репрезентацијата на Германија, сè додека селекторот Јоаким Лев не сфатил дека не му е повеќе потребен, покрај големиот број спектакуларни фудбалери кои играат во Бундеслигата. После трите настапи за Германија, Џонс заигра и за репрезентацијата на САД, каде што остави длабок траг со своите квалитетни изданија.

Џермеин Џонс

Диего Коста: Бразилец по потекло, кој се прослави во дресот на шпанскиот прволигаш Атлетико Мадрид. Диего Симеоне од него направи бренд во Шпанија, поради што се одлучи да ги брани боите на Црвената фурија. Сепак, пред да прифати шпанско државјанство и да настапува под ново знаме, играл и за својата татковина. Со овој чин, стана непријател број 1 во Бразил, особено заради одлуката што ја донесе непосредно пред Светското првенство во Бразил во 2014 година. Навивачите на Кариоките го дочекаа “на нож”.

Диего Коста

Мишел Платини:
Легендарниот француски фудбалер настапувал за две репрезентации во текот на својата кариера. Претпоставуваме дека не се сите навивачи и љубители на фудбалот запознаени со репрезентативната кариера на Платини, за да знаат дека освен што настапувал за својата Франција, бил играч и на репрезентацијата на Кувајт, во далечната 1988 година. 

Мишел Платини

Алфредо ди Стефано: Порано фудбалските правила биле поинакви, па Ди Стефано настапувал за три репрезентации во својата кариера и тоа за Колумбија, Аргентина и Шпанија. Неговата репрезентативна кариера траела од 1947 до 1961 година, кога одиграл шест натпревари за Аргентина на Јужноамериканското првенство, а потоа во четири настапи го носел дресот на Колумбија. Во 1956 година се стекнал со шпанско државјанство и тука се задржал најдолго. За Шпанија забележал 31 настап и постигнал 23 погодоци.

Алфредо Ди Стефано

Ференц Пушкаш: Легендарниот унгарски фудбалер настапувал за националните репрезентации на Унгарија и Шпанија. Читајќи за најпознатите “прељуби” на фудбалерите, повеќе од јасно е дека Шпанците доминираат во “кражбите”, но ФИФА никогаш не им правела проблеми во врска со тоа. Најдобриот фудбалер на сите времиња на Унгарија постигнал неверојатни 84 погодоци на 85 настапи, а потоа го облекол и шпанскиот дрес.

Ференц Пушкаш

Насер Чадли: Одличниот фудбалер на Вест Бромвич Албион, исто така го променил своето спортско државјанство. По потекло Мароканец, следејќи ги чекорите на голем број негови сонародници, се одлучил да игра за Белгија, земјата каде што ги направил своите фудбалски почетоци. Во 2010 година изиграл еден пријателски натрпевар за Мароко, па потем одлучил да заигра за Белгија. Откако го сменил државјанството, одиграл 30 пати за белгиската репрезентација.  

Насер Чадли

Тиаго Мота: Роден Бразилец кој одлучил да се врати на дедовите корени и да заигра за Италија. На Голд купот во 2003 година настапил за Бразил, но од 2011 година е стандарден член на италијанската фудбалска репрезентација, со која стана вице-шампион на Европа.

Тиаго Мота