Ќе ве причека ли банката ако одредено време не можете да го враќате кредитот?

Ќе ве причека ли банката ако одредено време не можете да го враќате кредитот?

Ова прашања особено се наметна по неодамнешните катастрофални поплави што го зафатија скопскиот регион, во кои многу семејства, од кои голем дел се корисници на кредити, не се во можност редовно да ги плаќаат ратите



Дали и колку домашните банки имаат милост кога корисниците на кредит извесен период не можат да ги отплаќаат ратите навреме поради објективни причини, како што се болест, губење на работното место, елементарна непогода...? Може ли граѓаните да се надеваат дека банките извесен период ќе ја стават отплатата во мирување додека не им се стабилизира финансиската ситуација или пак барем да им ги намалат ратите?

Овие прашања особено се наметнаа по неодамнешните катастрофални поплави што го зафатија скопскиот регион, при што имаше десетици жртви и огромни материјални штети. Скопјанката Весна неодамна била сведок на многу непријатна ситуација во една од комерцијалните банки во земјава. - Чекав ред во банката, а пред мене имаше средовечна жена од Стајковци, селото кое што беше меѓу најпогодените во поплавите. Со солзи во очите ѝ раскажуваше на службеничката дека надојдената вода им однела сè, паричниците, картичките, заштедата, комплетно им го уништила домот и дека во моментов немаат можност да го отплаќаат кредитот. Бараше некакво решение, да ја причекаат со плаќањето додека не се средат малку. Службеничката само немоќно креваше раменици и повторуваше „Не знам што да ви кажам“. Никој во банката не остана рамнодушен на целата ситуација, но за жал, службениците не можеа да ѝ понудат решение на жената – вели Весна.

Во вакви ситуации, комерцијалните банки во Србија нудат можност за одложување на плаќањето на ратите и до една година. На пример, доколку граѓанинот што зел кредит добие отказ од работа, банките најчесто му одобруваат грејс-период од една година кога тој ја плаќа само каматата, но не и главницата. Во некои случаи се продолжува рокот на отплата, со тоа што се намалува месечната рата, но на крајот се пресметува повисока камата поради продолжениот рок на враќање. Одредени банки дури и дозволуваат целосно мирување на кредитот за одреден период кога граѓанинот не плаќа ниту главница ниту камата, во случаи на елементарни непогоди или слични ситуации.

Во повеќето банки во Македонија што ги контактиравме велат дека секој проблематичен случај на корисници на кредит се разгледува поединечно и се бара решение кое е во интерес и на клиентот и на банката. Односно, во такви ситуации се изработува предлог за репрограмирање на кредитот во зависност од настанатата ситуација.

Во Стопанска банка АД – Скопје велат дека секогаш им излегуваат во пресрет на клиентите.

- Стопанска банка АД – Скопје на примарно место го поставува клиентот и можноста за долгорочна квалитетна соработка. Во таа смисла, во континуитет со години наназад, Банката им излегува во пресрет на клиентите кои се соочиле со објективна неможност за редовна отплата на своите обврски преку соодветно прилагодување на условите за отплата на кредитот – објаснуваат од Банката.

Оттаму додаваат дека како општествено одговорна компанија, Стопанска банка АД-Скопје на погодените од поплавите им доставила помош во храна, хигиенски средства, покуќнина и опрема за да им помогне што поскоро да се санираат штетите и да се надминат тешкотиите.

Од НЛБ Банка велат дека редовно ги следат своите клиенти во отплатата на користени кредити. Доколку клиентот доцни со плаќањето, се контактира преку различни канали на комуникација како што се телефонски, писмено итн. Ако пак во одредени случаи се утврди дека доцнењето во редовната отплата на кредитот се должи на објективни причини, како што се болест или губење на работното место, се бара алтернативно решение во соработка со клиентот.

- Банката на корисниците на кредити кои може да плаќаат определен износ помал од првично договорениот им нуди реструктуирање преку склучување на нов договор, со кој се утврдува нова динамика на отплата и други кредитни услови. Kај правните лица, Банката може да понуди и грејс-период во кој се отплаќа само каматата, но ова најчесто зависи од природата на нивниот бизнис. Банката настојува залогот да биде осигуран, па во случаи на поплави или други елементарни непогоди од осигурителните куќи се плаќа определена премија која практично служи за покривање на ануитетите кои ќе доспеат. Во секој случај, Банката ги користи сите можности за изнаоѓање на договорно решение со клиентите со кои соработува – велат од НЛБ Банка.

Според податоците на Народната банка, во јуни процентот на проблематичните кредити изнесувал 7,5 отсто од вкупниот број на одобрени кредити. Во Србија, овој процент изнесува околу 24 отсто, а во Грција 28 отсто.