Наши и студенти од регионот пред ширум отворените врати на

Наши и студенти од регионот пред ширум отворените врати на "Браќа Манаки"

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Мастер-класовите на дизајнерот на продукција Алан Старски и на режисерот Карпо Година, како и работилница со филмскиот критичар Влатко Галевски се дел од активностите што студентите по филмска камера ќе ги имаат за време на 37.фестивал во Битола


 
Четириесетина студенти од земјава и од регионот од денеска до 14 септември ќе бидат дел од 37.издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Ова е една од традиционалните програми на најстариот филмски фестивал посветен на уметниците зад камерата. Студентите од филмските академии имаат можност одблиску да се запознаат со нивни веќе искусни колеги, но и режисери, актери, да разменат искуства и се разбира, да научат нешто ново за својата професија. Речиси секој голем филмски фестивал се организира талент-кампус, места кои се идеални за средба со големи филмски имиња и можност за стекнување важно професионално искуство, и сето тоа бесплатно. 

Студентската програма од денеска ќе се реализира во Завод и Музеј Битола. Координатор на програмата е Ивана Васева.

-Студентската програма сочинета од гости студенти по камера од повеќе академии од регионот е една од суштинските струи што го придвижуваат фестивалот. Студентите по камера, нивното знаење и експертиза, како и меѓусебното споделување и размена на искуства со своите врсници, но и со повозрасните колеги претставува витална црта на фестивалот и придонесува за збогатување на неговото значење и квалитет што го покажа низ изминативе години – вели Васева.

Фестивалот годинава ќе им отстапи простор на студентите да покажат какво знаење стекнале за време на своите студии, во специјално создадената програма за нив.

Студентите ќе имаат можност да ги проследат мастер-класовите на Алан Старски, еден од најуспешните дизајнери на продукција од Полска и Карпо Година, словенечкиот кинематографер и режисер, еден од најважните претставници на југословенското филмско движење „црн бран“.

-Ќе биде организирана и дводневна работилница за минимализмот во филмската музика, што ќе ја реалириа филмскиот и музички критичар Влатко Галевски. Исто така, ќе има и програма на студентски филмови од сите земји од каде има и гости-студенти на фестивалот, кои годинава можат да бидат дел од фестивалот со помош на поддршката на Американската амбасада во Македонија – вели Васева.

Во Битола ќе дојдат студенти од академиите од: Белград, Тирана, Софија, Букурешт, Сараево, Солун, Цетиње, Загреб, Љубљана, како и студенти и професори од академиите од Скопје, Штип и од Тетово.

Како може да станете гостин на фестивалот, е логично прашање. Од фестивалот објаснуваат дека професорите од соодветните катедри по филмско снимање ги избираат студентите.

-Најчесто тоа е заслуга на највредните студенти кои покажале најголема подготвеност и волја за работа во рамките на факултетските студии. Оваа година навистина се потрудивме да направиме специјално катче за нив, па се надевам дека и тие ќе ни возвратат со истата радост која ја имавме и ние додека ја подготвувавме програмата – додава Васева.

Вкупно 36 филма ќе бидат објавени за време на трите фестивалски дена.
Фестивалот и годинава ја задржува определбата студентите да имаат бесплатни влезници за сите фестивалски проекции.
-Сите студенти кои сакаат да дојдат на нашиот фестивал се добредојдени – вели Васева, одговорна за студентската програма.