Интервју со д-р Игор И. Тулевски, кардиолог во Холандија: Врвен кардиолог со срце за Ајронмен

Интервју со д-р Игор И. Тулевски, кардиолог во Холандија: Врвен кардиолог со срце за Ајронмен

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Ги започнал студиите по медицина во Скопје, а ги завршил во Амстердам, каде што денес е директор и основач на Кардиолошките центри на Холандија.



Игор И.Тулевски е импресивна личност со која Македонија треба да се гордее. Повеќе од две децении живее во Амстердам и важи за еден од најценетите кардиолози во Холандија. Не бил лесен патот до успехот, поминувал низ повеќе препреки и одлуки. Љубовта кон патувањата во 1993 година го одвела во Амстердам, каде што му се случила љубов на прв поглед со градот и одлучил да го напушти Скопје. Во неговата биографија стои: „Игор одлучил да остане во Амстердам, се откажал од својот удобен живот, своите студии и од бизнисот и работел како келнер. Неговиот татко морал веднаш да дојде во Амстердам за да провери што се случува“. Се согласил со изборот на својот син. Откако го поднаучил холандскиот јазик, ги продолжил студиите по медицина во Холандија.

На прашањето како Амстердам станал неговиот животен избор, вели:

-Амстердам е космополитски град со многу висок квалитет на живеење, отворен е и со многу шарм.

Тулевски ги основал Кардиолошките центри на Холандија, кои се во постојан растеж. Дека добро „стои“ и со своето срце, покажува и неговата страст кон спортот, особено кон триатлонот.

Имав добра основа од Македонија

Средно образование сте завршиле во Скопје, сте ги почнале студиите по медицина во Македонија, но сте ги завршиле во Амстердам, местото кое во последните речиси 25 години е Ваш дом. Каков беше патот на Вашето образование?

- Завршив основно образование во ОУ „Браќа Рибар“, а средно учев во „Јосип Броз“, во „Орце Николов“ и средно медицинско и имав среќа да бидам дел од првата генерација што заврши „насочено образование“. Ги почнав студиите на Медицинскиот факултет при „Св. Кирил и Методиј“, а завршив на Универзитетот во Амстердам. Докторатот го одбранив во Dutch Heart Fundation. Специјализирав во Акамедскиот медицински центар во Амстердам. Образованието во Холандија е на високо ниво, се посветува големо внимание на содржината и на луѓето. Основата што ја имав од Македонија беше добра и ми помогна да ја направам „надградбата“ во Холандија.

Како кардиологијата стана Вашиот избор?

-Лесно прашање. Кардиологијата е најдинамичен дел од медицината и најсеопфатна. Вклучува основна наука, генетика, imaging, до интервенции – кардиолозите сѐ прават сами и сето тоа е дел од тренингот за да се стане кардиолог. Секоја секунда е важна и потребно е да се вклопат различни вештини. Покрај тоа, емоционалната врска со срцето за секого е многу важна. Сето ова ја прави кардиологијата комплетна.

Сега ги менаџирате Кардиолошките центри на Холандија (Cardiologie Centra Nederland), чиј основач сте од пред десет години. Како функционираат?

-Кардиолошките центри на Холандија претставуваат најголем провајдер на поликлиничка кардиологија во Холандија со 14 клиники и повеќе од 20.000 нови пациенти годишно. Освен тоа, имаме и две одделенија во болници, како и своја болница. Од минатата година добивме професорат и од годинава почнуваме со преземање одредени функции од академските болници.

Доаѓате ли во Македонија? Дали можеби имате и стручна соработка со некоја наша здравствена установа?

-Колку што можам, најмалку еднаш годишно доаѓам во Македонија. Ја имаме ИЦТ-компанијата „Мир“ што го прави софтверот за нашите клиники и болници. Имам лични врски со повеќе колеги, но, за жал, засега немам официјална стручна соработка.

Љубител на триатлонот „Ајронмен“

Вашата професија е една од најстресните, воопшто. Обично, лекарите се занимаваат со некаков спорт. Како Вие се релаксирате и ги полните батериите?

-Активно се занимавам со триатлонот „Ајронмен, 140.6“ (3,8 км пливање, 180 км велосипед и 42 км трчање), со скијање, пливање, велосипедизам. Во јуни ја завршив велосипедската трка „Трондајм“ во Осло. За 22 часа извозив 555 км. „Ајронмен“ е фантастичен спорт, самите тренинзи ме предизвикуваат, а трките се уште поубави. Во последно време се сѐ помасовни и тоа, според мене, прави трката да го губи шармот. Првиот „Ајронмен“ го завршив во 2003 година, досега три пати, а имам и десетици олимписки триатлони.



Што би ги советувале младите кај нас што сакаат да се занимаваат со Вашата професија? Што е клучно за да се биде добар кардиолог?

-Потребни се љубов кон професијата, амбиција, желба и подготвеност за многу работа и прекрасни моменти.