Ташковски: Еднаш ФЕИТ, засекогаш ФЕИТ

Ташковски: Еднаш ФЕИТ, засекогаш ФЕИТ



Новиот декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, професор д-р Димитар Ташковски, на денешниот прв студентски час во учебната 2016/2017 година им посака добредојде на новите студенти во академскиот свет на ФЕИТ.

„Вие сте на почеток на нова животна етапа. Престојат четири години каде треба да грабите знаење и искуство, да создавате пријателства, да се докажувате и да се себеисполнувате. Ние како факултет максимално ќе Ви помогнеме во вашата себереализација“, им порача деканот Ташковски.

Во својот говор пред студентите, деканот јавно се заблагодари на досегашната деканатска управа и на професорите, демонстраторите и асистентите за создавањето позитивен имиџ на ФЕИТ како квалитетна високо-образовна установа.

„Постои една мисла која многу експлицитно го опишува нашиот факултет: Еднаш ФЕИТ, засекогаш ФЕИТ. Се надевам и Вие многу бргу ќе го стекнете ова чувство кое го живеат сите што биле или се дел од оваа институција, и ќе ја продолжите убавата приказна поврзана со ФЕИТ. Нашето семејство на електроинженери постојано расте“, рече Ташковски.



На првиот час пред студентите говореше и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, м-р Горан Јандреоски, како некогашен студент на ФЕИТ.

„Во животот имате два начини: сами да се обидете да одите по патот со многу пречки и проблеми или да ги слушате професорите и најблиските кои ќе Ви дадат смерници за успешен пат. Јас се гордеам што сум бил студент на ФЕИТ. Тука ја стекнав основата со овие професори околу Вас“, рече Јандреоски.

Тој им укажа на бруцошите дека многу нивни колеги веќе се на високи работни позиции во светот, а дека тоа ја создава вредноста на ФЕИТ како факултет кој продуцира стручен кадар. Од оваа година, ФЕИТ воведува категорија студенти – демонстратори, кои ќе бидат на располагање на студентите за секакви прашања и предизвици поврзани со факултетот. Секако, рече Ташковски, студентите ќе добијат целосна поддршка од целиот факултет во текот на нивното студирање. На првиот час, студентите се запознаа со професорите по студиски програми и ги добија своите индекси, а најдобрите добија и стипендии.