Македонските средношколци се клкукаат со седативи додека нивните врсници во Европа се налеваат со алкохол

Македонските средношколци се клкукаат со седативи додека нивните врсници во Европа се налеваат со алкохол

Дури 11 отсто од младите во Македонија на возраст од 15 и 16 години пијат седативи кои не им се препишани од лекар додека просекот во Европа е 6 отсто, покажа истражувањето на организацијата ESPAD која го испитуваше ризичното однесување на малолетните средношколци во Европа.



Цигарите и седативите се најголемите пороци на македонските средношколци. Тие пушат и пијат апчиња за смирување многу повеќе од нивните врсници од другите земји во Европа, кои пак најмногу имаат проблем со алкохол и дрога, покажа истражувањето што го спроведе организацијата ESPAD која го испитуваше ризичното однесување на малолетните средношколци во Европа.

Истражувањето на ESPAD беше спроведено лани во 35 европски земји, врз 96.043 ученици на возраст од 15 и 16 години и генерално е насочено кон добивање податоци за користењето дрога и алкохол меѓу средношколците. Резултатите покажаа дека дури 24 отсто од средношколците во Македонија пушат, за разлика од европскиот просек од 21 отсто. Но, најзагрижувачки е податокот дека 11 отсто од младите на 15 и 16 години пијат седативи кои не им се препишани од лекар. Просекот во Европа е 6 отсто, што значи дека речиси двојно повеќе од младите Македонци користат средства за смирување споредено со нивните врсници од Европа. Авторите на истражувањето објаснуваат дека средствата за смирување и седативите младите најчесто ги користат како замена за дрога, особено кога ги мешаат со алкохол.

Кога станува збор за употребата на дрога, родителите во Македонија може малку да здивнат бидејќи нивните деца ја користат многу помалку за разлика од средношколците од другите земји. Така, само 5 отсто од средношколците од прва и втора година пробале канабис, додека тој процент кај европските средношколци е три пати повисок и изнесува 16 отсто. Но, младите во земјава сепак имаат поголемо искуство со други видови дрога различна од канабис, односно други дроги пробале 4 отсто од средношколците, што е многу блиску до просекот во Европа кој изнесува 5 отсто. Но, во овој поглед загрижувачки е трендот на користење нови психотропни супстанции во чија употреба средношколците во Македонија се на исто ниво со европските, односно и кај нас и во Европа ваква дрога употребуват 4 отсто од младите.

Иако пушат многу повеќе од своите врсници во другите земји, македонските средношколци пијат помалку од нив. Така, алкохол пијат 38 отсто од нашите средношколци за разлика од европскиот просек од 48 отсто. Младите во Македонија имаат и послабо „бурно алкохолно минато“ од европските бидејќи просекот во значителна употреба на алкохол и во минатото во Европа е 35 отсто, за разлика од кај нас каде што изнесува 26 отсто.

Голем дел од нашите средношколци секојдневно може да се видат во бројните спортски обложувалници низ земјава, но сепак во процентот на коцкање Македонците заостануваат зад европските млади. Така, само 2 отсто од средношколците во земјава се коцкаат, за разлика од Европа каде што овој процент е 7 отсто.

- Со исклучок на употреба на средствата за смирување или седативи без лекарски рецепт, вкупниот впечаток за Македонија е дека нивото на употреба на различни супстанции се околу или под просекот на ESPAD – пишува во генералниот заклучок во истражувањето кој се однесува на Македонија. Според податоците од истражувањето, апсолутни „рекордери“ во користењето седативи се младите од Полска (17 отсто) и од Чешка (16 отсто), при што овој вид „дрога“ почесто го користат девојките отколку момчињата.