Се вратиле 152 илјади години назад во историјата

Се вратиле 152 илјади години назад во историјата

Подготвил: Б.Б.


Водечкото светско научно списание, Nature, ги објавило во висока резолуција резултатите од генетското истражување, кое им донесе нови откритија во врска со миграцијата на анатомски модерниот човек од Африка во Евроазија пред околу 120 и 75 илјади години.



Истражувањата спроведени во рамки на Естонскиот Биоцентар опфатиле 483 човечки геноми од 148 популации ширум светот, вклучително и 379 нови геноми од 125 популации.

Миграцијата од пред 120 илјади години го потврдила резултатот дека модерните Папуанци содржат околу 2% генетски материјал кој потекнува од периодот на првото ширење на популацијата на анатомски модерниот човек надвор од Африка.   

Втората миграција  на анатомски модерниот човек од пред 75 илјади години, најверојатно тргнала од источна Африка кон Евроазискиот континент. Таму анатомски модерниот човек повремено „се мешал“ со Неандерталската популација и преку подалечните миграции кон исток доаѓал во контакт и со други староседелски популации. Тоа го потврдува Денисовската популација, односно анализата на скелетните остатоци од женска личност од Денисовската пештера на Алтај во Сибир.

Помеѓу авторите на студијата вклучени се и научници од просторите на поранешна Југославија, односно, од Хрватска и Босна и Херцеговина.

Предводникот на групата, Ричард Вилемс, вели дека студијата е од непроценлива важност во разбирањето на еволутивното минато на човекот и предизвиците со кои се соочувале луѓето кога се населувале на места што непрестајно се менувале. Покрај тоа, студијата може да биде појдовна точка за понатамошни истражувања на генетското минато на модерните и древните човечки популации.  


Миграции на анатомски модерниот човек