Погледнете колку им значи легализацијата на канабисот на заболените од Паркинсонова болест

Погледнете колку им значи легализацијата на канабисот на заболените од Паркинсонова болест

Подготвил: Б.Б.


За господинот Фрицел кој боледува од оваа подмолна болест, 30 милиграми канабис значат три часа спокојство.  


Британските парламентарци повторно покренаа иницијатива да се дозволи употребата на канабисот за медицински цели. За да ги поддржи во намерата и да апелира за забрзување на таа одлука, Јан Фрицел (55) неодамна на социјалните мрежи сподели интересно видео.

Имено, на Фрицел му е дијагностицирана Паркинсоновата болест уште во 2011 година, а на почетокот од 2016 година кај него се вградени стимулатори во мозокот, односно апарати што го намалуваат треморот, ги подобруват моторичките способности и ги намалуваат неволните движења што ги предизвикуваат класичните медикаменти.

За да покаже пред јавноста како се чувствува кога апаратот не му работи, Фрицел  накратко го исклучи истиот и орално прими 30 милиграми марихуана.

И навистина, за дваесеттина минути треморот значително се намалува, а Фрицел открива дека канабисот благопријатно му делува и на дистонијата (мускулните контракции) во десната нога и му го олеснува говорот.

Во случајот на Фрицел треба да се истакне дека препишаните лекови му предизвикуваат тешка мачнина, додека  примената на гореспоменатата количина канабис му обезбедува неколкучасовно смирување на симптомите на ова сериозно заболување.

При крајот на минатата година, неколку земји од ЕУ меѓу кои и Хрватска, дозволи употреба на марихуаната во медицински цели. Користењето на лековити растителни препарати на база на индискиот коноп се препорачуваат кај малигните заболувања, сидата, мултиплекс склерозата и детскиот епилептичен синдром.

Сепак, употребата на канабиноидите не се препорачува кај други невролошки заболувања како Паркинсоновата болест и епилепсијата, но и кај психијатриските пореметувања, депресиите и анксиозноста.