Разговор со актерката Ивана Атанасова: Театарот ни глуми буржоаско лудило

Разговор со актерката Ивана Атанасова: Театарот ни глуми буржоаско лудило

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Најдобрата студентка од областа на уметноста на УКИМ за 2013 година, деновиве замина во Прага на магистерски студии за авторско актерство, благодарение на Вишеградската стипендија



Театарот во Македонија со години наназад врши тивка егзекуција на квалитетните кадри. Како да се плаши од лудоста и борбеноста на младите. Мора да бидеме искрени кон себе. Јас морав да бидам кон себеси, за да можам да преживеам, наместо да живеам во привид – вели младата актерка Ивана Атанасова-Иф, која беше прогласена за најдобра студентка од областа на уметностите на УКИМ во 2013 година, а не влезе во ниеден ансамбл на националните театри. Деновиве Атанасова се прилагодува во Прага, каде замина на магистерски студии за авторско актерство при Театарскиот факултет на Академијата за изведбени уметности.

Иако се пријавила на сите можни конкурси за вработување актери, не само во скопските, ами и во театрите во другите градови, Атанасова не го решила својот статус.

Вратата се отвора таму каде што се препознава борба

Деновиве на „фејсбук“ осамна статус на нејзината професорка од Факултетот за драмски уметности, Синоличка Трпкова, која, меѓу другото, вели: „Нема да ѝ биде лесно. Но лесно не е никогаш и не смее да биде, ако се сака повисоко, подалеку, поубаво, похумано, повистинито. А Ивана тоа го сака!“

Атанасова вели дека ѝ значи поддршката.

- Коментарот на Ноли предизвика дузина реакции на „фејсбук“ и луѓето, нормално, си го интерпретираа како што им одговара. Тој носи јасна порака – ако сакаме да ги задржиме најдобрите во нашата средина, мораме да го промениме системот на вредности. А заклучокот е – нема компромис кога се љуби вистински. Тоа е она што ме мачи од одамна – го љубат ли моите колеги театарот? Или се сакаат себеси во него... Професорката Трпкова многу добро знае дека мојата борба овде ќе биде уште потешка. Настрана од студиите, јас и овде ќе морам да работам нешто трето, за да можам да живеам. Но, има една клучна разлика – оваа средина не ги затвора очите пред потенцијалите, туку сака да им отвори врата, зашто веќе одамна сфатила дека и самата има придобивка од тоа. Втората разлика е дека вратата се отвора онаму каде што борбата се препознава, не се даваат поволности на тацна... Ноли е за мене, пред сѐ човек, па потоа професорка. Нејзините коментари понекогаш наликуваат дури и на мајчински совети. Таа е една од ретките кои релацијата професор – студент не ја третираат сувопарно и отворено говорат преку нејзините човечки димензии, но и низ колегијалната етика. Тоа е нешто што речиси и не постои кај нас.



Ја прашавме Ивана дали по дипломирањето очекувала да ѝ се случи претстава во национален театар.

- Не. Доколку погледнеме навистина во лицето на театарот кај нас, ми се чини, сѐ што за возврат ќе добиеме е еден леден израз. Тоа е она што поразува. До срж. Театарот е сѐ, само не индифирентност. Овој театар кој веќе со години се негува кај нас, нема однос кон своите чеда. Нуди привиден простор за едни, става решетки за други, а копа дупка за сите. И на крај скока и самиот тој во неа. Глуми буржоаско лудило, сакајќи да зборува за актуелности, а се пентери на прозорец од стара куќа. Сака да носи македонска народна носија, а под футата си залепил партиски знакчиња на бедрата. Става по сто маски на ден, а нема никакво лице под нив. Користи илјадници зборови, а неговата уста ја гледаме како нем филм. Божем се облекува „по мода“, а излегува како палјачо. Апсурд? Не, и апсурдот има своја смисла. Зарем навистина очекувате дека онаму каде вистината не постои, воопшто, има простор за очекувања? Мора да престанеме со еуфемизмите, ракавиците и завесите кога се трудиме да дадеме коментар за културата кај нас. На сцена, тие постојат со некоја намена, надвор од неа – тие се само лепенка на изметот. Театарот во Македонија со години наназад врши тивка егзекуција на квалитетните кадри. Како да се плаши од лудоста и борбеноста на младите луѓе. Мора да бидеме искрени кон себе – вели Ивана.

Не бегам од очај, бегањето е најлесно

Ивана има неколку нејзини соло-изведби, а играла само во една претстава „Трамвајот наречен копнеж“ во режија на Филип Петковски, а продукција на „Театра“.

-Не се срамам да го кажам тоа. Бројката не е мој срам, туку сеопшт. Патем и Петковски замина од државава. Останатите ангажмани, се разбира, надвор од институција, се театарско-поетски перформанси („Љубов. Суета. Почеток.“ во режија на Теа Беговска), улога во дипломски филм, режирав на претстави со деца (водев драмски студија три години), за на крај, да почнам и сериозно да се нафатам со мојата лична претстава „Ќе има (ли) војна“. Беше одиграна 19 пати, на повеќе од десет локации и говореше за личната борба, која парадно, никогаш не завршува, зашто „војната“ е постојано околу нас...

На прашањето дали заминува револтирана, таа вели:

- Не сум личност која сака да го гаи револтот како чувство. Во мене се раѓа револт кон многу работи кои се производ на системот во оваа држава и понекогаш навистина гласно ми се вика, но не сакам револтот и гневот да ми бидат примарни водилки во личната надоградба. Впрочем, и не можат. И како што вели Молиер во „Молиер“ – „Можете сѐ да ни земете, ама сцената - не“. Ако сакам нешто да кажам со тоа чувство, го имам театарот. Оној вистинскиот. А за него не постојат институции и ѕидини. Toa што не сум се вработила, уште еднаш, покажува само колку вредно си ги извршуваат задачите сите полтрони во театарот, но за мене е пострашен еден друг заклучок, кој верувам го делат и многумина од моите колеги - дали би сакала да играм во таков театар?... Потаму, средината има огромно влијание. Се чини, што и да направиш овде, ништо не е доволно добро. И што и да правиш, го правиш од почеток, како постојано да мораш од нула да се докажуваш. И после одредено време, тоа почнува да те заморува... Дали има одговор од другата страна? За уметникот, тоа е есенцијално. Оваа средина, неретко, насила ги тера луѓето да заминат. И тоа не е само прашање на лошо ситуирана финансиска позиција. Јас не бегам од очај. Бегањето е најлесно. Одбрана сум како стипендист на Вишеградска стипендија и тоа е она што ми овозможи да отидам во Чешка. Повторно, ништо од ова не е помош од нечија владина програма, туку сосем спротивното, плод на постојан индивидуален напор и труд. Ако нешто треба да подвлечеме од оваа приказна, а во контекст на прашање, тоа е – додека лавот игра во циркус, волкот прави песна завивајќи.

Атанасова дипломираше во класата на Владимир Милчин и Сузана Киранџиска. За неа, „професоррот Милчин е најдобриот педагог за актери, кој поминал низ просториите на четириесет и кусургодишните привремени бараки на ФДУ“.

-Она што ние го поминуваме за време на студиите, не е подготовка за професија, туку школа за животот и занает во професијата. Тоа оди рака под рака со волјата на студентот да инвестира во истото, во неговиот интерес да се шири, да се калеми, да фаќа летови во воздух, да не гледа праволиниски, да има способност да погледне и отаде ридот, да биде подготвен да се движи по раб... Професорот Милчин умее тоа да го учини со своите студенти. Она што е крајно безмилосно и за кое не вреди да се зборува во оваа прилика е дека ова општество е способно да ја избрише меморијата за ваквите луѓе и да изврши линч врз секакви признанија, за да те турне во канализација. Ете, тоа на пример, може да роди револт – вели Атанасова.



Од колегите со кои студирала, само тројца биле вработени

-Помалку од половина од останатите се трудиме сѐ уште да ја живееме професијата кој како знае и умее со сопствените сили и волја, еден се врати во Белгија, од каде што и беше дојден за да студира, останатите, меѓу кои едни од најдобрите, работат нешто сосема трето. Тоа што државата нема систем на гаење на вистинските вредности и потенцијали кај луѓето е нејзин коренит проблем и тоа е другата страна на приказната. Но, која е државата? Што е тоа/таа? Во неа има луѓе, тоа се живи битија, зар не? Па што прават тогаш тие? – прашува младата актерка.

Фотографiи: Кристина Нановиќ и Наташа Гелева