"Соларис" на Жолдак премиерно во МНТ

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

По светската премиера на „Соларис“ во јуни на фестивалот „Виенер фествохен“ во австриската престолнина, претставата во режија и драматизација Андриј Жолдак вечерва во 20 часот ќе има и македонска премиера на сцената на Македонскиот народен театар. Улогите ги толкуваат: Дејан Лилиќ, Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Славиша Кајевски, Арна Шијак, Софиа Насевска-Трифуновска, Драгана Левенска и децата Дарио Ефтимовски и Калина Трипкова. Тие играат во простор кој е решен сценографски, со видеопроекција и камера во живо.



Лилиќ рече дека претставата трае три часа и поттикнува на размислување за тоа каде се наоѓаат луѓето во ова општество, покрај целата технологија и цивилизација.

- Оние што ќе ја гледаат претставата треба да очекуваат дека ова не е граѓански театар, не е театар каде можеби се ќе ви биде јасно, не е театар кој ќе ве милува, туку театар што ќе ве поучи и ќе ве натера да размислувате каде се наоѓате вие како човек во ова општество. Ќе ве натера да размислувате за сите ваши гревови и дали треба вашите гревови треба да си ги признаете пред се пред себе си, а потоа пред другите, рече Лилиќ.



Сценографијата и дизајнот на светлото се на Моника Пормале и Андриј Жолдак, костимите и видеоконцептот на Даниел Жолдак, а автор на музиката е рускиот композитор Владимир Кликов.

Светската премиера на „Соларис“ во Виена беше на 10 јуни на „Виенер фествохен“, кој е и копродуцент проектот.