Родителите веќе не купуваат учебници, ама затоа

Родителите веќе не купуваат учебници, ама затоа "донираат" печатачи, лаптопи, мебел и завеси

Подготвил: В.Ф

Не ми е јасно за што плаќаме даноци, за ние да ги опремуваме училиштата? Па нели образованието е бесплатно во Македонија?! И од кога под терминот донација се подразбира нешто што е изнудено?! На крајот на краиштата, од буџетот за еден споменик може да се купи сапун за сите училишта во земјава, за цела учебна година. Сакам да кажам дека има приоритети и тие мора да се почитуваат, вели родител на прваче




Печатачи и тонери, преносни (лаптоп) компјутери, завеси и ролетни, нови подови, варосување на училниците, ормари каде учениците ќе ги оставаат ранците и ташните. Ова е дел од покрупните нешта кои родителите треба да ги „донираат“ на училиштата во Македонија... Се разбира, доколку сакаат децата да им учат во посовремени услови. Во категоријата „поситни трошоци“ спаѓаат тоалетна хартија, сапун и хартиени бришачи за рацете кои учениците мора да ги носат во училиштата. Иако директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, непосредно пред почетокот на новата учебна година апелира до сите родители да не одат по линија на помал отпор и да не купуваат тоалетна, сапун и бришачи, бидејќи тоа е законска обврска на училиштата кои располагаат со сопствени буџети, реално ништо не се смени, исто како минатата, предминатата и годината пред тоа. Скоро и да нема родители од кои не било побарано да ги купат овие нешта.

Реалната состојба уште еднаш покажува колку е девалвиран и разорен образовниот систем во земјава. Бидејќи законски е забрането да се купуваат сапун за раце и тоалетна хартија, најчесто директорите на училиштата вршат притисок врз наставниците да инсистираат на родителските состаноци дека овие нешта не смеат да ги бараат, но им се потребни на децата. Така во записниците влегува дека тоа е донација од родителите, па училишните раководства се „чисти“ пред инспекторите и пред законот.

Наставниците во слеп агол

За воља на вистината, и наставниците се ставени во многу незавидна ситуација. На пример, тие се обврзани со првачињата да работат вежби кои треба да ги испечатат на хартија, а кога ученикот ќе ги сработи, ги складираат во посебна папка за секој ученик.
- На тоа не обврзува програмата, а никој не се обврзал да ни обезбеди хартија. Јас од мојата плата можам да купам еден топ хартија за копирање, но не можам тоа да го правам постојано. Сапун има само за првата недела и толку. Од друга страна сум одговорна за здравјето на учениците. Морам да им објаснам на родителите дека ако само не донесат сапун, рачињата на нивните дечиња ќе бидат валкани. Исто така им велам дека нивно право е да протестираат, бидејќи состојбата е таква каква што е. Јас се обидувам да го извлечам наједноставното решиение за доброто на сите, но морам да се заштитам од санкции и казни. Затоа во записниците мора да стои дека се работи за донација - вели една наставничка од Скопје.





Родител на прваче е револтиран од состојбата на почетокот на учебната година. Тој инсистира да остане анонимен, бидејќи е свесен дека работите многу тешко ќе се променат, а единствена жртва може да биде неговото дете.
- Не ми е јасно за што плаќаме даноци, за ние да ги опремуваме училиштата? Па нели образованието е бесплатно во Македонија?! Сосема ми е јасно дека ситуацијата во основното образование во земјава е комплексна, дека еден дел се финансира преку Министерството за образование и наука, а друг дел од општината, преку локалната самоуправа. Но, тоа е работата на државата која треба да го уреди како што треба. И од кога под терминот донација се подразбира нешто што е изнудено?! На крајот на краиштата, од буџетот за еден споменик може да се купи сапун за сите училишта во земјава, за цела учебна година. Сакам да кажам дека има приоритети и тие мора да се почитуваат - вели тој.

Линијата на помал отпор

Родителите на друго дете, кое е сега второ одделение, велат дека лани собирале пари за да купат печатач, за хартија, за сапун.
- Годинава ќе ставаме завеси во училиштето. На почетокот и јас бев револтиран и се прашував, зарем не треба училиштето да ги обезбеди тие работи? Но, што ни останува? Си велам тоа што ќе го купиме, ќе остане за повеќе генерации. Другата опција е децата да ни учат во полоши услови. Факт е дека сумата што ја плаќаме и не е толку висока на годишно ниво. Ако дадам помалку од 100 денари за завеса, на пример, тоа е едно кафе помалку во денот. Може треба во „бесплатното“ образование да се воведе годишна партиципација и - чиста работа - вели тој.

Родителите предлагаат и низа начини како да се зголемат буџетите на училиштата и на одделенијата, поединечно.
- Многу е лесно да се организираат хепенинзи во секое годишно време. Децата да изработуваат нешто со родителите и потоа да го продаваат предметите. Ние правевме два пати и собравме по 2.500 денари. Ете ги завесите. Но, во овој случај и децата учествуваат, се трудат да бидат корисни - вели тој.

Состојбата трае со години

Дека оваа состојба трае со години, покажува и ставот на мајки чии деца биле првачиња пред десетина и повеќе години. Во училницата која ја делеле со уште едно одделение подот бил сосема уништен. Направиле иницијатива родителите од двете одделенија да соберат пари и да го поправат подот.

- Некои од родителите се согласија, некои не. По неколку недели, подот беше сосема реновиран. Парите ги собрале родителите од другиот клас. Од нас, никој не побара ниту денар. До денес го паметам денот, колку сите се чувствуваме неубаво, бидејќи не помогнавме, а видовме колку тоа значеше за нашите деца - раскажува мајката.

Поискусните родители, кои веќе ги поминале сиве овие ситуации, се децидни дека се многу зависи и од самите родители.
- Некогаш ќе ти се погодат, некогаш не. Еднаш училиштето од нас побара да купиме клима уред за училницата. Веднаш стана еден родител и децидно рече дека тоа не е здраво за децата и дека нема да купиме. Сите се согласивме. Повеќе клима уредот не беше спомнат на родителските состаноци - вели мајката.

Весна Хорватовиќ преку медиумите прати децидна порака дека наставниците мора сами да смислат креативни начини како да им го предадат материјалот на децата со тоа што го имаат. Таа рече дека со Законот е дефинирано според кој релевантен наставен материјал треба да учи детето. Иако беше децидна дека родителите не смеат да купуваат тоалетна хартија и сапун, тоа не се однесува за „покрупните“ нешта.

- Не е спорно ако некој родител или група родители сакаат да донираат на училиштето завеса или некој друг предмет наменет за децата. Но, тоа е добра волја и секако не е незаконски - ја пренесе нејзината изјава весникот „Дневник“.