Студентите тутори да се пријавуваат од 1 октомври

Студентите тутори да се пријавуваат од 1 октомври

Подготвил: М.Ф.



Студентите кои ќе сакаат бесплатно да подучуваат основци и средношколци, од 1 до 30 октомври ќе може да се пријавуваат на интерактивниот портал за тутори: tutori.mon.gov.mk

Целта на овој проект е да им се помогне на учениците на кои им е тешко совладувањето одредени предмети, без тоа да биде на трошок на нивните родители. Студентот тутор што ќе има резултати од подучувањето кај најмалку два ученика, односно ако по соодветниот предмет тие добијат повисока оценка споредено со претходната година ќе добие дополнителни десет поени кога ќе аплицира за студентска стипендија во следната година.

Студентите тутори треба да се редовни студенти, да достават препорака од најмалку еден професор од соодветниот предмет со што ќе се потврди дека имаат капацитет да подучуваат, а за истите предмети треба да имаат просечен успех од најмалку 8.

- Родителите на учениците во периодот од 18-ти до 25 ноември ќе можат да ги избираат туторите за своите деца преку посебно мени во рамките на електронскиот дневник, кој е надграден за оваа намена. Во електронскиот дневник ќе се води и евиденција за одржаните туторски часови, кои исклучиво под надзор на родител ќе се реализираат во домот на ученикот, почнувајќи од 26 ноември - изјави заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Еден студент може да се пријави да биде тутор по најмногу четири предмети, да подучува најмногу четири ученици по еден предмет, и со секој од нив ќе треба да одржува најмалку еден час неделно.