"Најдобар начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш", Ела Дворник

Подготвил: Б.Б.


Отсекогаш ми било смешно кога луѓето на свои 14 години одлучуваат на кој факултет ќе одат. А нè има и такви кои до неодамна не знаевме каде ни е главата, а каде „опашката“. Дури сега, на 25 години, сфаќам дека имам работа од соништата и дека сум среќно дете.


Дури откако ќе пораснеме, стануваме деца. Сум го забележала тоа кај многу мои пријатели. Кога сме мали, имаме соништа. Посакуваме да станеме „нешто“. На почетокот сè сакаме да бидеме, а подоцна развиваме способности. Многумина од нас уште на седум години ќе почувствуваат некаков талент или нешто ќе засакаат. Кога ќе наполниме десет или единаесет, нашите таленти се веќе видливи. Некои развиваат талент за цртање, други се многу „јаки“ по математика, трети сакаат историја, а некои обожуваат да пишуваат. Јас отсекогаш сакав да пишувам. Меѓутоа, пишувањето е нешто што сите го прават, па никогаш не сум знаела што сакам да бидам. Ги читав нашите писатели, најмногу поетите и им се восхитував на вештината да создаваат рими. Сè „голтав“, од лектири до басни, поезија и кратки раскази. Кога правевме писмена работа, пишував по три страници, а можев и повеќе ако не ме ограничуваа четириесет и петте минути од часот. Ако сè ми беше граматички точно, добивав петка, а тоа ретко се случуваше, бидејќи граматиката не ми беше силна страна. Ги прескокнував техничките проблеми и преминував директно на решението, а решението беше да се изразам. Мојата наставничка по хрватски јазик ги сакаше моите писмени, но кога ќе ги видеше целите поцрвенети од корекции, некако слатко ќе се насмевнеше, бидејќи беше иронично. Тогаш не сфаќав дека целиот живот ќе ми биде како таа писмена задача.

Во пубертетот сме сосема различни луѓе, ни ги „перат“ хормоните и ни ја полнат главата дека мора да работиме нешто сериозно. Сите пропаднати археолози, антрополози, писатели и сликари одлучиле да запишат нешто со кое ќе можат да се вработат. Не ми беше јасно зошто ги поддржуваа нашите соништа, за подоцна да ги сомелат со зборовите: „од тоа не можеш да живееш“. Сега со 25 години ги гледам своите пријатели и забележувам дека повторно се претвораат во деца. Дури сега, на 25 години, имаат слобода да бидат тоа што сакаат. Сега, со факултетите што не им ја донесоа работата што ја сакаат, размислуваат да бидат тоа што отсекогаш сакале да бидат. Отсекогаш ми било смешно како луѓето со свои 14 години одлучуваат каде ќе одат средно и на кој факултет ќе се запишат. А нè има и такви кои до неодамна не знаевме каде ни е главата, а каде „опашката“. Си седам в кревет и си мислам: „јас отсекогаш сакав да бидам писателка“. И денес не сум онаа писателка нити поетеса која сакав да бидам, но ако погледнам на мојата историја досега, кога и да се завртам, отсекогаш сум пишувала. И сега седам во хотелот и пишувам. Пишувам за нешта за кои сакам да пишувам, и во Јутарњи, и на својот блог, и на социјалните мрежи... и живеам од тоа. Дури сега, на 25 години, сфаќам дека ја работам работата од соништата и дека детето во мене е многу среќно.

Негде во потсвеста постојано тежнееме кон детските желби, а не сме свесни за тоа. Верувам дека луѓето никогаш не пораснале. Кога ќе достигнеме некоја година во нашата глава каде што ни е удобно, таму остануваме. Да се биде возрасен е само маска што ја носиме за да се вклопиме во средината. Без разлика колку години имаме, кога ќе здогледаме песок, сакаме да градиме замоци, кога ќе погленеме боенка, сакаме да ја обоиме, кога ќе видиме деца што си играат криенка, сакаме да им се придружиме. Поголемиот дел од сето ова не си го дозволуваме, бидејќи постојано во нашите глави имаме чувство дека сме пораснале и дека не смееме да си го дозволиме тоа. Иако целиот живот ми е како писмената задача од училиште, полна со грешки, на крајот, она што успевало да ме насмее слатко како и мојата наставничка е приказната што сум си ја раскажала себеси. Најдобриот начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш.         


Колумна на Ела Дворник во Јутарњи лист.


Ела Дворник