Епохално откритие во медицината доаѓа од САД

Епохално откритие во медицината доаѓа од САД

Подготвил: Б.Б.


Децата родени со сериозни срцеви заболувања може да бидат излечени само со еден оперативен зафат, благодарение на вештачките крвни садови што ги создадоа научници од САД, а коишто откако еднаш ќе се вградат, растат со исто темпо со коешто расти и пациентот.


Американски научници успеаја да создадат синтетички крвни садови, кои откако ќе се пресадат во телото на пациентот, се развиваат пропорционално со организмот на пациентот. Ова претставува голем напредок во однос на класичните синтетички крвни садови, со чија помош се коригираат грешките во крвниот систем на пациентите.

Истражувањата беа предводени од Роберт Транкиљо од универзитетот во Минесота. Неговите синтетички артерии се направени од желатин испреплетен со живи клетки од сврзното ткиво, кои се нарекуваат фибробласти. Нивната мешавина дава растеглива мрежа од колагенски влакна, што му дава цврстина на синтетичкиот крвен сад. За да го обликуваат колагенот во артериите или вените, тој се обвива околу цилиндрични прачки кои се одгледуваат во т.н. биореактор, кој на клетките им дава топлина, активитет и нутритиенти што му се потребни за растење.

Пред да ги имплементираат вака одгледаните крвни садови во пациентот, мора да се исплакнат во раствор, за да се ослободат од живите клетки. Во спротивно, одбранбениот систем на пациентот може да ги отрфли како туѓи тела. По плакнењето, колагенот останува во цевчеста форма што може да се чува во ладилник до времето на употреба, односно, вградување во телото на пациентот.

Тим од американски научници, успешно ги вградиле новите синтетички крвни садови во три јагниња. Со помош на ултразвук, по 50 недели откриле дека вештачките крвни садови што им ги вградиле, растеле со исто темпо со кое растеле и животните.
Транкиљо истакнал дека сите параметри укажувале на нормален раст на вградените крвни садови.

Сепак, ова импресивно постигнување на американските научници сè уште не е подготвено да се тестира на луѓе. Транкиљо и неговиот тим планираат да работат со кардиолози, за да ги дискутираат добиените резултати. После стручните консултации, ќе одлучат дали се потребни дополнителни лабораториски тестови, пред да се применат на луѓе.

Паралелно со ова, Транкиљо и неговиот тим работат на уште покомплексни крвни садови што ќе имаат и залистоци.