Легендата за хрватската Јованка Орлеанка

Легендата за хрватската Јованка Орлеанка

Подготвил: Б.Б.


Мила Гојсалиќ  е легендарна хероина која и денес го заштитува градот Омиш во Хрватска. Високо над кањонот на реката Цетина, од местото каде што се шири прекрасен поглед на градот и околината, се наоѓа споменикот на заборавената хероина, ремек-дело на светски познатиот уметник, Иван Мештровиќ.


Мила Гојсалиќ



Легендата која со векови се пренесува од генерација на генерација, за која пишувал и Август Шеноа, зборува за девојката од селото Костање, која со својот живот ја спасила Загора од Османлиите.

Мила Гојсалиќ

Мила била убава млада девојка, чија убавина ја забележал и самиот Ахмед-паша,  кој во 1530 година ги поставил своите шатори високо на карпите над кањонот на Цетина. Легендата вели дека убавината на Мила била толку голема, што Ахмед-паша ја забележал од висините на карпите, и одлучил по секоја цена да ја доведе во својот шатор. Девојката долго се спротивставувала на неговите намери, за на крај да се одлучи да оди во неговото седиште и да ја задоволи неговата страст. Храбрата девојка, која таа ноќ ги изгубила невиноста и честа, одлучила да ја искористи приликата и да го жртвува својот живот, со цел да го спаси своето село и цела Полјичка Република.

Мила Гојсалиќ

Откако ја обљубил, Ахмед-паша заспал, а Мила тоа го искористила моментот за да ја запали барутаната. Полјичаните, во договор со младата девојка, биле подготвени за напад врз Турците и го заобиколиле турскиот логор, не оставајќи им голем избор: или да бегаат од огнот и да одат директно во рацете на непријателот, или да скокаат во бездната од карпите... Младата Мила  жртвувајќи го својот живот остана запаметена и овековечена во легенди кои сè уште се пренесуваат во овие краишта.

Денес на тоа место се наоѓа статуа на жена, ремек-дело на Мештровиќ, која и натаму бдее над Омиш, да го чува и да внимава на него, но и да потсетува  на жртвата која младата девојка беше подготвена и ја даде, за да го спаси својот народ.

Спомен плоча на Мила Гојсалиќ