ALLWEB со поволности за студентите - Обезбеди место на најдобрата конференција за дигитален маркетинг

ALLWEB со поволности за студентите - Обезбеди место на најдобрата конференција за дигитален маркетинг

Ограничен број на влезници по поволна цена од денеска се достапни за студентите, заинтересирани за учество на AllWeb, конференцијата за дигитален маркетинг што ќе се одржи на 18 ноември во Скопје. По специјална цена студентите добиваат можност, како и минатите години, да ги слушнат презентациите за новите трендови во дигиталниот маркетинг и бизнис иновации, донесени од страна на врвни експерти во областа. Повеќе информации како и самата регистрација се достапни на allweb.mk.



„Веруваме дека примерите од пракса се значаен сегмент за надополнување на теоретските знаења на студентите. Затоа, решивме да им овозможиме специјални услови за да бидат дел од конференцијата. На тој начин им отвораме простор да се дружат со претставници од  компаниите, претприемчи, агенции за маретинг и односи со јавноста и други практичари од оваа сфера, со што ќе можат да го збогатат и своето портфолио на професионални контакти“, вели Дарко Булдиоски, од NewMediaMK, организатори на конференцијата.

За годинешното, петто по ред издание на AllWeb најавени се петнаесетина говорници, реномирани експерти од сферата на дигиталниот маркетинг кои своите успешни приказни и научени лекции ќе ги споделат со повеќе од 250 присутни. Меѓу говорниците потврдени се Скот Морисон, кој има работено за Дизел, Левис, Старбакс, Редбул; Мајк Бучер од Теккранч- најголемиот сајт кој објавува информации за технолошките компании во светот; исто така и сениорот во ПР и стратешки комуникации Марк Турнбул од СЦЛ Груп, говорници од Дојче Телеком, Соушлбејкерс, Дентсу, Агрокор итн.

Форматот на конференцијата останува ист како и претходните години: комбинација  на презентации и панел дискусии, одлични говорници и содржина, и супер можност за професионално дружење.