Рудан: Абортусот е женска борба за слобода

Рудан: Абортусот е женска борба за слобода

Со својата последна колумна, хрватската писателка Ведрана Рудан го возбуди Балканот. Во нејзин препознатлив стил, отворено и без влакна на јазикот зборува за многу горливи и актуелни теми. Ви ја пренесуваме комплетно колумната „Полјаци во црнина“ на Рудан, објавена на нејзиниот сајт www.rudan.infо

 

Многу пати сум била во Полска. Ја сакам таа земја, а посебно ми се драги Полјачките. Тие се самостојни, бескрајно вредни и преубави. Не се опседнати со модата, се „палат“ (тие што јас сум ги запознала, а знам многу), на памет, образование и работа. Работат насекаде низ Европа и многу често на своите рамена самите ги носат своите семејства. И храбри се. Не се како Хрватките.
Затоа, кога полските мажјаци одлучија секоја жена што ќе оди на абортус да ја осудат на робија, излегоа на улица облечени во црно. И не отидоа на работа и не отидоа на факултет, ниту на училиште.  Им се придружија и мажите. Им се придружија, не е за верување, ама е вистина, и некои Хрватки. Состојбата во Полска во моментов е застрашувачка. Католичката црква и избезумените мажјаци ги зедоа сите полски пички под свое и го  заќутеа секое женско цивкање да не прерасне во крик. Сепак, Полска вреска. Многу жени од целиот свет врескаат со нив. Ме радува тоа, што не значи дека сум среќна деновиве.

Додека илјадници Полјачки и Полјаци во црнина маршираа на улиците на полските градови, во Хрватска стотина жени во тишина го лечат своето крваво меѓуножје, опседнати со пеколниот страв дека некој, сосед, мајка, пријателка, претседател на Саборот, Божаниќ, не би дознал дека била на абортус. Не абортирала во болница, иако можела, 2.800 куни со анестезија или 2.125 без неа (цените во Задар) и отишла на приватно. Нејзиниот гинеколог службено е голем борец за „право на животот“, но во слободно време... За пет илјади куни... Батали грижа на совеста. Фала Богу што во Хрватска постои грижа на совест. Да ја немаше, со што би се занимавале нашите гинеколози во слободно време?

Ние сме лаичка земја, која држи до гадливоста на корумпираната и лицемерна Католичка црква. Сите наши попови кои од говорниците викаат дека се залагаат секое зачнато дете да се роди, приватно постапуваат поинаку. Нивните девојки абортираат без никакви проблеми, лекарите нив не им наплаќаат. Се ебат на сите можни начини и не го кријат тоа затоа што хрватските закони за нив не важат. Кога поп ќе изебе десетина момчиња, ќе го преместат во друга жупа, кога таму ќе изебе дваесетина деца, ќе го поместат во трета жупа. Додека ебе деца во тие жупи, грми од пултот дека абортусот е злосторство. Ги разбирам. Да не раѓаа Хрватките, кого би ебеле хрватските попови?

Мораат ли граѓанките на Хрватска молчешкум да го поднесат теророт на злосторството во мантилите и политичарите кои своите перверзни потреби ги обликуваат во закони? Се разбира дека мораат, кога за ништо не одлучуваат. Пред неколку дена мојот син ми го сврте вниманието на колумната која на „Т-портал“ ја објави нашиот наградуван, угледен, голем книжевник. Нему не му е јасно зошто жените бараат „квота“ во Саборот. Тврди дека „квотите“ се бесмислени зашто жените не би добиле ништо доколку во Саборот влезат Маркиќ и Петир. Не напиша што тој доби со влезот на Хасанбеговиќ во Саборот.

Писателот порачува, нам ни требаат паметни, способни, не треба да се инсистира на меѓуножјето. ТРЕБА! Затоа што жените се еднакво паметни и еднакво глупави како и машките. Затоа што Саборот е „слика“ на општеството. Затоа што во Хрватска 51 отсто од жителите ги сочинуваат жените, а во Саборот седат 12 отсто. Да се и таму 51 отсто, односот кон жените би бил понормален. Сите тие што абортирале би можеле да им дадат силен отпор на полудените хрватски попови и мажјаци од Саборот кои се грижат за децата, како за она од Мост, само кога треба да наплатат 80.000 куни за патни трошоци.

Вака... Живееме во земја во која жените кои лажат дека не абортирале тажно завиваат пред родилиштата во кои некои други жени во злато плаќаат за киретажа, како да не плаќаат и социјално и дополнително. Абортусот не е ЗЛОСТОРСТВО. Абортусот е женска борба за слобода.

Кога ние, граѓанките на Хрватска, ќе се облечеме во црно и ќе ги отераме во курац дечките облечени во црни мантии и оние другите облечени во сиви костуми? Кога ќе сфатиме дека 51 отсто е ПЕДЕСЕТ И ЕДЕН ОТСТО, а дванаесет е дванаесет.