Интервју со Александар Шурбевски, доктор по информатика: На јапонски им предава математика на Јапонци

Интервју со Александар Шурбевски, доктор по информатика: На јапонски им предава математика на Јапонци

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Јапонија важи за инвентивна нација со висока технологија, но со малку подетаљна анализа може да се уочи дека сето ова е постепен напредок со маргинални подобрувања, а ретко голем инвентивен скок



Александар Шурбевски (30) е дипломиран електроинженер, доктор на науки на Факултетот за информатика при Универзитетот во Кјото. Во Јапонија живее во последните седум години, дипломирал на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2008 година. Работите му следувале како нарачани. Наредната година запишал магистерски студии на истиот факултет, но ги прекинал набрзо, откако пролетта во 2009 г. одлучил да продолжи на последипломски студии во Јапонија. Магистрирал три години подоцна на Одделот за механичко и системско инженерство при Институтот за технологија на Кјото (Kyoto Institute of Technology), а докторирал во 2014 г. на Факултетот за информатика при Универзитетот на Кјото (Kyoto University). Во малкуто слободно време што го има, ужива во читање, велосипедизам, како и планинарење заедно со сопругата од Мадагаскар..



Факултети.мк Јапонија е целосно различен универзум. Како ја избравте?
- Јапонија е навистина нов универзум. Првенствено дојдов благодарение на стипендијата за странски студенти што ја доделува Министерството за образование, култура, спорт, наука и технологија (Monbukagakusho или MEXT) на Јапонија. Оваа стипендија има многу поткласи на кои може да се аплицира, вклучително и додипломски студии и студии за јапонски јазик и култура. Но, кога јас аплицирав, во Македонија беше возможно да се аплицира единствено за стипендија за последипломски студии. Целиот процес на аплицирање, собирање документи, интервјуа итн. трае речиси цела година. Стипендијата се нуди речиси низ целиот свет, се смета дека е мал престиж да се добие и нуди релативно поволни услови, покривајќи ги трошоците за студирање и доволен месечен надомест за „студентски“ живот во Јапонија, нешто што би било навистина тешко без ваква стипендија, со оглед на високите цени за живот.

Со восхит се поздравува и малото познавање на јазикот

Факултети.мк Веќе предавате и на јапонски јазик, во комбинација со англискиот. Како се снаоѓате, со оглед на тоа дека користите главно стручна терминологија?
- Како дел од програмата предвидена со стипендијата од MEXT, првиот семестар од престојот во Јапонија на секој стипендист е наменет за изучување на јапонскиот јазик. Доколку, како во мојот случај, претходно не сте запознаени со јазикот, еден семестар ни оддалеку не е доволно за понатамошни стручни студии на јапонски јазик. Меѓутоа, тоа не се ни очекува, туку овој курс по јапонски јазик е првенствено наменет за стипендистите да се навикнат на новата средина и на општество. Обично на часови предавам на англиски јазик, меѓутоа, во непосредни дискусии или со помали групи студенти го користам јапонскиот. Како и севкупното јапонско општество, и јапонскиот јазик е строго категоризиран. Од тој аспект, по неколку години веќе ја познавам терминологијата сврзана со мојата струка, информатика и применета математика, така што стручните дискусии не се особен проблем.



Факултети.мк Го почитуваат ли тоа Јапонците? Им даваат ли на странците „повеќе“ поени доколку го зборуваат јапонскиот?
- И малото знаење на јапонскиот обично е примено со восхит. Меѓутоа, владеењето со подобар јапонски може да биде и предизвик за странците зашто штом некој го зборува јазикот, се очекува и да ги разбира културата, обичаите и навиките на однесување, без разлика на сопствениот поглед на нештата.

Придонесот во општеството – важно начело

Факултети.мк Како се прифатени странците во Јапонија и какво беше Вашето искуство?
- Јапонската нација сè уште е хомогена и лесно е да се забележи странец, особено од неазиско потекло. Ова никогаш не ми претставувало проблем; никогаш не сум бил соочен со отворен расизам, навреди или нетрпеливост. Овие нешта не се својствени за јапонското општество. Често се случува некои луѓе отворено да ми пријдат единствено со намера да направат мал разговор, да прашаат од кај сум и да дознаат нешто повеќе за светот. Меѓутоа, и јапонското општество се менува. Постепено Јапонија ги отвора вратите за имиграција на квалификуван кадар. Со успешна маркетинг-кампања, сѐ повеќе се зголемува бројот на странски туристи и не е повеќе реткост да се налета на странец. Веројатно наскоро веќе никој не би ме запирал на улица за една заедничка фотографија.



Факултети.мк Јапонската култура е целосно различна од нашата. На кои работи им се воодушевувате, а кои ви е тешко да ги прифатите?
- Навистина. Дури и по неколку години поминати во Јапонија се случува да сe најдам себеси без соодветна реакција во дадена пригода. Повеќето се мали и не толку значајни навики на однесување. Меѓутоа, постојат и значително различни општествени одлики. Како нешто позитивно и воодушевувачко би ја одбрал јапонската посветеност кон сечие учество и придонес во општеството. Конкретен пример може да се уочи во мноштвото работи (работни места) кои постојат веројатно единствено во Јапонија. Како, на пример, во недостиг на друго име, надзорник на паркинг. Ова е човек што на влез во јавен паркинг им посочува на оние што доаѓаат каде има слободни места, а на тие што излегуваат им нуди помош и сигнализирање при нивното вклучување во сообраќајот. Особено се чести во големи трговски центри и се платени од трговските центри. Веројатно нивниот придонес не е особено значаен, меѓутоа, тие што се поставени на ваквите работни места совесно ги завршуваат овие задачи. Нешто потешко за навикнување за странците е малата иницијативност и инвентивност, како и подготвеноста да се преземе одговорност. Навистина, јапонската важи за инвентивна нација со висока технологија, но со малку подетаљна анализа може да се уочи дека сето ова е постепен напредок со маргинални подобрувања, а ретко голем инвентивен скок. Веројатно најуочливо околу подготвеноста да се преземе одговорност е начинот на кој се носат сите непропишани решенија, секоја одлука се одлага за некое повисоко ниво, секогаш во поголема група или комитет. Веројатно најизразен пример за ова е реакцијата по големиот земјотрес од 2011 и предизвиканата нуклеарна криза во Фукушима, нешто што одредени јапонски коментатори сами го имаат уочено. (http://www.world-nuclear-news.org/RS_Fukushima_a_disaster_Made_in_Japan_0506121.html)