Човекот што ѝ стави крај на Студената војна тврди дека светот е на опасен праг

Човекот што ѝ стави крај на Студената војна тврди дека светот е на опасен праг

Подготвил: Б.Б.



Поранешниот советски лидер, Михаил Горбачов, говори за моменталната состојба околу руско-американските односи.

Михаил Горбачов


Напнатите односи меѓу Русија и САД  се приближуваат до „опасниот праг“ и заканата за употреба на нуклеарно оружје и натаму е силно изразена, истакнува поранешниот советски лидер, Михаил Горбачов.
Тој смета дека после долгиот период на висока тензија околу војната во Сирија и руските претензии кон Балтикот, мора  повторно да се иницира нов дијалог.

„Сметам дека светот се приближува кон опасниот праг. Не би сугерирал можни исходи, но сакам да потенцирам дека мораме да се застане“, рече Горбачов за РИА Новости, а пренесува Индипендент.

„Запирањето на дијалогот беше најголема грешка. Сега мора да се вратиме на приоритетите , како што е нуклеарното разоружување, борбата против тероризмот и спречувањето на глобалните еколошки катастрофи. Во споредба со наведените предизвици, сè останато е од секундарно значење“, истакнува поранешниот лидер.

Некои странски функционери сметаат дека новонастаната криза во  руско-американските односи доведува до состојба што е поопасна дури и од Студената војна. Такво мислење неодамна изнесе и германскиот министер за надворешни работи, Франк Волкер Штајнмаер.

За потсетување: САД го прекинаа дијалогот со Русија на 3 септември, што дополнително го продлабочи јазот меѓу двете земји. Русија се обвинува за воени злосторства во Сирија, за хакерски напади врз САД , како и за експанзионистичка и агресивна надворешна политика на истокот од Европа, особено во Украина и на Балтикот.

Русија, од друга страна, откако САД по грешка ги бомбардираа  позициите на сиријската војска при што погинаа повеќе десеттици режимски војници кои соработуваат со руските сили во Сирија, распоредија С-300 и С-400 ракетни системи на терен, кои ќе им оневозможат на авионите на коалициските сили да прелетуваат незабележано. На тој начин, на Американците им испратија отворено предупредување дека следниот пат нема да им дозволат вакви „грешки“.

Уште во месец мај, еден од генералите на НАТО ја предупреди алијансата на можен ризик од нуклеарна војна со Русија во период од година дена, доколку не се преземат мерки за заштита на балтичките земји од рускиот експанзионизам.

Горбачов тврди дека светот без нуклеарно наоружување не е утопија туку нужен императив, и покрај сите тешкотии што се појавуваат. За да се реализира ова, Горбачов смета дека треба да се постигне демилитаризација на политиката и меѓународните односи.

Михаил Горбачов владееше со СССР во периодот меѓу 1985 и 1991 година, кога се случи распадот на Советскиот Сојуз. Заслужен е за окончувањето на Студената војна и градењето на систем за контрола на нуклеарното вооружување, што беше резултат од серијалот средби со тогашниот американски претседател, Роналд Реган.