Суперконцерт за супердетска публика!

Суперконцерт за супердетска публика!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Препознатливите ноти на суперхеројските филмови од понова, но и постара продукција ја возбудија детската публика, која вчера го преполни салонот на Домот на АРМ



Супер е суперлативот кој слободно може да му се препише на детскиот концерт насловен “Суперхерои“, што го одржа Македонската филхармонија, вчера во Домот на армијата. Нашиот симфониски оркестар покажа уште еднаш дека со доброосмислена програма знае да ги возбуди и најмалите во гледалиштето. Децата имаа прилика да ја слушнат  музиката од нивните омилени филмови – „Супермен“, „Спајдермен“, „Војна на ѕвездите“, „Хари Потер“, „Пиратите од Карибите“, но и од постари филмски-хитови за кои ги прашуваа своите родители – „Индијана Џонс“, „Џемс Бонд“, „И.Т“... За промена, без да гледаат во екран, тие можеа да ѝ се препуштат на фантазијата и да уживаат во ремек-делата на големите композитори на Холивуд – главно на Џон Вилијамс, кој е автор на повеќе од половина дела што беа изведени, како и на Ханс Цимер, Монти Норман и други.



Од најмалиот во салата, до најголемиот – супердиригентот (маестро Борјан Цанев), сите уживаа. Музичарите од оркестарот влезени во суперфилм, па некои од нив беа Џемс Бонд, девојки на Џемс Бонд, па беа ликови од „Војна на ѕвездите“. Низ најинтересните суперликови низ историјата, и тоа не само од поново време, дечињата ги водеше актерот Мартин Јорданоски, кого децата го сакаат и со него лесно соработуваат. Меѓу другото, тој го бркаше Дарт Вејдер, зашто му се мешал во правењето ајвар и му ставил многу масло за јадење.

Детските концерти ја градат идната возрасна публика на Филхармонијата. Колку почесто децата се присутни во гледалиштето, толку полесно ќе научат како треба да се однесуваат на културни настани.

Поради големиот интерес, Филхармонијата најави дека на 26 ноември ќе го репризира концертот.