Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Шанса да живеете еден ден како во древниот Рим

 
Кој не би сакал за момент да се облече во облека од римскиот период, да направи римска фризура, да гледа автентични занаети кои се практикувале во древниот Рим, и најсетне да јаде римска храна во рачно работена керамика специјално направена за фестивалот по инспирација од сличен тип на грнчарија откриена на археолошките локалитети во Македонија?



Дали некогаш сте посакале да облечете тога и туника, сандали, да ставите венец на главата и за момент да почувствувате дел од древниот Рим? И да појдете на гозба, која била важен дел од секојдневието на римската култура? Македонија има силни врски со оваа култура, бидејќи територијата на нашата земја со векови била дел од Римското царство. Тоа што се случувало во древниот Рим се случувало и на овие простори. За да ја почувствувате таа атмосфера веќе не ви треба фантазија, ниту временска машина. Вкусот на древниот Рим можете буквално да го почувствувате преку храната која ќе биде специјално подготвена за Фестивалот на древна римска кутлтура Scupini Romani кој за неполн месец ќе се одри во Скопје, а го организира Центарот за научни истражувања и промоција на културата ХАЕМУС од Скопје. И нема да има само храна... Василка Димитровска, директорка на Центарот ни раскажува што ќе се случува на почетокот на ноември.

Факултети.мк: Во тек се подготовските на Scupini Romani, Фестивал на древна римска култура... Како се роди идејата?

- Идејата за фестивалот Scupini Romani е стара од 2012 година, кога тимот на ХАЕМУС беше поканет на отворањето на Археолошкиот парк „Виминациум“ во Србија. Веднаш се вљубивме во концептот на еден од најголемите локалитети од римскиот период на Балканот и секако комплекс кој денес покрај мноштвото археолошки остатоци, содржи реконструкција на римска вила, музеј на мамути, сувенирници и инфраструктура која му доликува на еден светски археолошки парк под отворено. Со оглед на богатото културно наследство од римскиот период во Македонија, сакавме да направиме настан каде посетителите ќе се вратат назад во времето и ќе ѕирнат за момент како изгледал реконструиран секојдневниот живот на старите Римјани, каква мода имале, каков накит носеле, од какви садови јаделе, на кој начин ја подготвувале храната и какви занаети практикувале. Ни требаше многу време додека ја осмислиме концепцијата на Scupini Romani, а самите подготовки за фестивалот траат со месеци бидејќи консултираме домашни и странски експерти за овој историски период.

Факултети.мк: Кога ќе се одржува и каде?

- Фестивалот Scupini Romani ќе се одржи на на 06.11.2016 година во комплексот „Ореов лад“ во Скопје од 10 до 16 часот. Заради автентичноста, се обидовме и со неколку археолошки локалитети, но се покажа дека немаат доволна инфраструктура која може да поддржи една ваква манифестација. „Ореов лад“ како локација е погодна поради повеќе причини, но најмногу затоа што поседува затворен ресторан и грижливо уредено двориште со покриен и отворен дел во кое може да гравитираат неколку стотини посетители. Дури и во случај да врне и да биде ладно, нема да има никакви пречки да се одржи фестивалот. Просторот може да се адаптира според намената на настанот, а нам исто така ни беше важна и логистиката од местото каде ќе се одржува Scupini Romani заради готвењето на „римската храна“ која мора да биде свежо направена и послужена на посетителите.



Факултети.мк: За кого е наменет Фестивалот и што ќе им понуди на граѓаните?

- Главната цел на овој настан е популаризација на културното наследство од римскиот период преку едукација, а главната мисија на фестивалот е дисеминирање на научните истражувања преку историска реконструкција позната под терминот „reenactment“. Акцентот на оваа реконструкција е ставен врз експерименталната археологија, древните технологии и нивната интерпретација во обид да се подигне јавната свест за одредена научна област кај љубителите на културното наследство. Токму поради тоа Scupini Romani се прави под мотото на УНЕСКО за Отворени образовни ресурси. Настанот ќе опфати јавни предавања од научници кои се занимаваат со истражување на римската археологија, дегустрација на римска храна, мноштво работилници кои ќе ги покажат античките техники при изработките на предметите (керамика, накит, мозаик, плетење, хеклање, обработка на метали), изложба на костуми и модна ревија на облека со инспирација од древниот Рим, изложбен простор со артефакти од Археолошкиот парк „Виминациум“, како и можност за купување на сувенири направени според инпирација на културното наследство од римскиот период на територијата на Република Македонија.

Факултети.мк: Сите елементи на Фестивалот ги координиреате со професионалци, почнувајќи од веб дизајн, до консултации со колеги од Србија кои работат на локалитетот Виминациум, научници кои долго време го истражувале Скупи. Кој се е вклучен во подготовката на Фестивалот?

- Scupini Romani е во организацијата и менаџмент на ХАЕМУС - Центар за научно истражување и промоција на културата со седиште во Скопје. Настанот го правиме во соработка со Археолошкиот парк „Виминациум“ (Археолошки институт при Српската академија на науките и уметностите, Белград, Србија) и во партнерство со EXARC – меѓународна организација за музеи под отворено небо и експериментална археологија со седиште во Холандија, каде со години членуваат и ХАЕМУС и „Виминациум“. Покрај голем број на колеги од ХАЕМУС, во поширокиот тим се вклучени и археолози од Археолошкиот институт во Белград, археолозите кои ги истражуваат археолошките локалитети Скупи и Стоби, а веб дизајнот и комплетното брендирање на Scupini Romani го работиме со Пол Адамс. Менаџментот за продажбата на билетите го доверивме на нашите долгогодинишни партнери, туристичката агенција „Арботравел“, додека комуникацијата со медиумите ќе ја прави „Њу Момент-Скопје“, исто така повеќегодишни наши соработници. Не смееме секако да го заборавиме и менаџментскиот тим на „Ореов лад“ кој ни помага со огромна логистика.



Факултети.мк: Сметате ли дека ова е вистински начин да се приближи културното наследство до обичниот граѓанин?

- Кога патуваат, луѓето најчесто ги посетуваат музеите. Ном во нив поставките вообичаено се статични со години и доколку не постојат придружни манифестации од институциите, стануваат досадни и неинтересни за луѓето. Од друга страна ваков тип на фестивал со костимирани изведувачи кои портретираат една историкска епоха, овозможуваат на многу пластичен начин да се разбере содржината и суштината на приказната и да се реконструира реалниот живот на минатото. Верувајте дека е неопходно е да се употреби голема имагинација која ќе ги оживее творештвото, креативноста, емоците, мислите, сетилата, соништата, стремежите на некогашните жители од римскиот период и вложивме голем напор тој тип на амбиент да го визуелизираме што е можно поверно.

Факултети.мк: Каков е интересот до сега? Дали фактот што можете неколку часа да живеете како во времето на древниот Рим, да вкусите храна која ја конзумирале луѓето во тоа време, веќе ја скокотка љубопитноста на граѓаните?

- Интересот за Scupini Romani е огромен, но кој не би сакал за момент да се облече во облека од римскиот период, да направи римска фризура, да гледа автентични занаети кои се практикувале во древниот Рим, и најсетне да јаде римска храна во рачно работена керамика специјално направена за фестивалот по инспирација од сличен тип на грнчарија откриена на археолошките локалитети во Македонија. Настанот има едукативна, но и промотивна димензија, а исто така преставува и нов вид на понуда во културниот туризам на Македонија. Веруваме дека сите посетители ќе поминат еден незаборавен ден на фестивалот и покрај забавата, ќе научат по нешто за културата на наши претци, чии судбини се нераскинливо вградени не само во археолошките остатоци, туку и во самите нас и нашата колективна меморија.
 
Објавено на 18.10.2016 во категорија Култура
Подготвил: В.Ф.
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook