Државните ревизори открија: МОН потрошило 110.000 евра за плати и хонорари на луѓе кои не се појавувале на работа

Државните ревизори открија: МОН потрошило 110.000 евра за плати и хонорари на луѓе кои не се појавувале на работа

Подготвил: Д.Ф.



Вработени во Министерството за образование направиле расходи од 203.000 евра за хотели, ручеци, такси-превоз и сл. без да имаат оправдување за што точно ги потрошиле тие пари, пишува во ревизорскиот извештај објавен на официјалната страница на ДЗР.

Министерството за образование потрошило вкупно 110.000 евра за плати и хонорари на лица кои воопшто не се појавувале на работа, плаќало престој на вработени и лица од странство во хотели со 5 ѕвезди без да се знае за што, како и скапи ручеци во ресторани за кои нема покритие. Ова се дел од неправилностите во работењето на Министерството за образование што ги констатираше Државниот завод за ревизија (ДЗР) во последните извештаи кои се однесуваат на оваа државна институција.

Ревизорите ја проверувале работата на Министерството за образование во 2015 година, во период кога на чело на оваа институција се наоѓал Абдилаќим Адеми, а подоцна и актуелниот министер Пиштар Лутфиу. Според извештаите кои се објавени на официјалната интернет страница на ДРЗ, ревизорите откриле низа неправилности во финансиското работење на Министерството.

Имено, ревизорите констатирале дека Министерството вработило 7 лица за чии плати потрошило 40.000 евра, а за кои не постојат докази дека се појавувале на работа и за кои не се знае што точно работеле таму. Дополнително, Министерството ангажирало 62 други лица со договор на дело. Од нив, 49 биле ангажирани во кабинетот на министерот за период за повеќе години. Во 2016 година, 23 од овие лица добиле решенија на неопределено време, додека другите без согласност од Министерството за финансии и без одобрен буџет продолжиле да работат со договори на дело иако немале јасни задачи што треба да работат. За нивните хонорари Министерството за образование потрошило 71.000 евра. Ревизорите констатираат дека за сите лица ангажирани со договор на дело, Министерството не ја следи нивната редовност, не знае дали доаѓаат на работа, кога си одат и што работат.

Ревизорите откриле неправилности и во трошењето пари за репрезентација. Имено, вработени во Министерството за образование направиле расходи од 203.000 евра за хотели, ручеци, такси-превоз и сл. без да имаат оправдување за што точно ги потрошиле тие пари. Околу 14.000 евра се потрошени за сместување на вработени во Министерството и за гости од странство во хотели без да има потпишани патни налози, агенда за некој конкретен настан и сл. Дури 90 отсто од парите се дадени за луксузни хотели со 5 ѕвезди. Вработени во оваа институција потрошиле 84.000 евра во ресторани, но и за овој трошок не постои документација дека бил оправдан. Во истиот период, лица кои работат во Министерството за такси потрошиле 4.000 евра, но за возења надвор од работното време.

Големи забелешки ревизорите имаат и на располагањето со книгите од проектот „Превод на 500 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитетти во САД и Англија од областа на правото во Франција и Германија“, објавени во 2010 година. За овој проект Владата потроши 8,3 милиони евра, но Министерството за образование нема евиденција колку точно книги се издадени и на кои установи (освен на министерствата) им се поделени.