„Џифони Македонија“ ќе обедини 550 деца и млади од Европа

„Џифони Македонија“ ќе обедини 550 деца и млади од Европа

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Петнаесет филма, по пет во категориите: Јуниори, Кадети и Сениори) се во официјалната селекција на четвртото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ кој ќе се одржува од денеска до 26 октомври. Фестивалот го поддржува Агенцијата за филм, како и „Џифони искуство“ од Италија. Свеченото отворање на фестивалот ќе биде со филмот „Италијанска трка – брз како ветрот“ на Матео Роверо, што ќе биде прикажан во киното „Милениум“ во 19.30 часот.



На програмата на фестивалот се филмови од Италија, Германија, Русија, Шведска, Данска, Шпанија, Бразил, Непал, кои биле на најпознатите и најголемите меѓународни филмски фестивали, како и на фестивали посветени на младите.

– Се надевам дека младите преку овие филмови не само што ќе се забавуваат, туку ќе имаат и убави теми за дискусија кои ги допираат нив – изјави Дарко Башески, извршен директор на „Џифони Македонија“ и официјален претставник на „Џифони Искуство“ во Македонија.

Интернационалното жири на фестивалот ќе биде составено од околу 550 деца и млади поделени во три старосни категории, а покрај од Македонија ќе опфати и повеќе од 50 млади од Италија, Хрватска, Србија, Романија, Грузија, првпат од Азербејџан, САД, Велика Британија и од Албанија.

На фестивалот ќе има и гости од два филма – од турскиот „Син велосипед“ и од рускиот „Кутија“. Покрај 15-те филмови во натпреварувачката програма, на четвртиот „Џифони Македонија“ ќе има и ревијална програма со два македонски играни филма („Превртено“ и „Панкот не е мртов“), четири кратки македонски филмови и пет анимирани од Италија.



Во Кинотеката на Македонија ќе бидат активностите од програмата за јуниори (деца од 10 до 13 години), а кадетите (14-16 години) и сениорите (16-18 години) настаните ќе ги следат во Младинскиот културен центар.

Десет работилници ќе бидат организирани за време на фестивалот. Ќе има работилници за техниката на анимација, за авторски филм, филм во еден кадар, за документарен филм… на кои ментори ќе бидат експерти од Македонија и од Хрватска (за документарен филм и за филм во еден кадар).



По завршувањето на фестивалот, на 27-ми и на 28 октомври „Џифони Македонија“ ќе организира и проекции за децата на Детската клиника кои ќе бидат синхронизирани и приспособени на нивната возраст.

Со новата тригодишна спогодба потпишана оваа година со „Giffoni Experience“ во Италија, на Агенцијата за филм на РМ и е доверено правото брендот и логото на „Џифони‘‘ на територијата на Република Македонија да продолжи да го користи до 31 декември 2018 година.